Војската на САД доцна вчера соопшти дека нејзините сили извршиле воздушни напади во источна Сирија насочени кон „инфраструктурни објекти што ги користат групите поврзани со иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда“.
Во соопштението на директорот за комуникации на Централната команда на САД, се вели дека претседателот Џо Бајден ги одобрил нападите и оти акциите биле наменети за одбрана од напади на групите поддржани од Иран против американскиот персонал.
„Денешните напади беа неопходни за заштита и одбрана на персоналот на САД. САД презедоа пропорционални, намерни активности наменети за ограничување на ризикот од ескалација и минимизирање на ризикот од жртви“, рече полковникот Џо Бучино.
Во соопштението се цитира нападот на 15 август во источна Сирија, за кој САД рекоа дека вклучувало беспилотно летало кое удрило во комплекс управуван од американски војници и борци на сириската опозиција поддржани од САД.
Дел од информациите во овој извештај се преземени од Ројтерс