Линкови за пристапност

Не значи ако Русковска е отстранета дека ќе се врши влијание врз другите, рече Јолевски


Русковска останува под суспензија се додека трае постапката против неа што ја води Основното скопско обвинителство по кривичната поднесена од Муареми
Русковска останува под суспензија се додека трае постапката против неа што ја води Основното скопско обвинителство по кривичната поднесена од Муареми

Останува суспензијата на Вилма Русковска од функцијата шефица на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Советот на јавни обвинители, на затворена седница, ја отфрли нејзината жалба по решението на Јавниот обвинител Љубомир Јовески, за оддалечување од работното место откако поранешниот прв човек на Финансиската полиција Арафат Муареми, против неа поднесе кривична пријава за начинот на кој постапувала во предметот против него.

„Тешка одлука беше, сепак, доаѓа еден обвинител од обвинителство за гонење организиран криминал и Јавниот обвинител. Несоработката меѓу овие два обвинитела доведе до овие непријатни состојби зашто до денес Јавниот обвинител нема добиено информација за она што се случувало со претресот, ниту со доказите, освен за она што Јавното обвинителство го утврдило при надзорот. Ние сакаме што побрзо да утврдиме зошто отсуствувала соработка меѓу основниот и јавниот обвинител зашто треба да има меѓуинституционална соработка“, вели Антонио Јолевски, претседател на Советот на јавни обвинители.

Русковска останува под суспензија се додека трае постапката против неа што ја води Основното скопско обвинителство по кривичната поднесена од Муареми.

Останува суспензијата на Вилма Русковска
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:27 0:00

Советот очекува наскоро да биде завршена процедурата и нејзиното оддалечување од функцијата да не трае долго време. Паралелно, треба да продолжи постапката што обвинителството за гонење организиран криминал ја отвори против поранешниот директор на Финансиска полиција.

Но, прашање е дали суспенизјата на Русковска, токму за овој предмет, нема да ги обесхрабри другите обвинители понатаму да постапуваат.

„Од јавен интерес е и затоа сметаме дека таа постапка ќе продолжи и понатаму и таа не може да се запре по пријава ако има некакви основи дека од страна Финансиската полиција е извршено кривично дело. Мора да се заврши таа постапка. Не значи дека доколку Русковска е отстранета другите не треба да продолжат и дека врз нив ќе се врши влијание. Советот е тука за да ги заштити ако има влијанија и притисоци. Досега Русковска не се обратила до Советот да ја заштитиме ако врз неа имало влијанија“, рече Јолевски.

Покрај суспензијата, против Русковска и уште други две обвинителки е покрената дисциплинска постапка и тоа токму за случајот што ова обвинителство го отвори против Арафат Муареми.

Судирот меѓу нив двајцата, кој ескалираше со претресот во просториите на Финансиска полиција, а потоа беше проследен со меѓусебни јавни препукувања резултираше со минатонеделната суспензија на Русковска и повлекувањето на Муареми од функцијата само неколку часа откако Јавниот обвинител Јовески реши да ја „дисциплинира“ шефицата на клучното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG