Линкови за пристапност

Киев ги откажа јавните прослави на Денот на независноста


Соединетите Држави предупредија дека Русија „ги засилува напорите да изврши напади врз цивилната инфраструктура и владините објекти на Украина во наредните денови“.

Пораката објавена од Амбасадата на САД во Киев уследи по слични предупредувања од украинскиот претседател Володимир Зеленски за потенцијалните руски акции против Украина кои се совпаѓаат со Денот на независноста на неговата земја.

„Руските напади во Украина претставуваат континуирана закана за цивилите и цивилната инфраструктура“, соопшти американската амбасада, додавајќи дека американските граѓани треба да ја напуштат Украина доколку се во можност.

Во среда се навршуваат 31 година од независноста на Украина од советската управа, како и шест месеци откако Русија ја започна војната таму.

Поради предупредувањата, Киев ги откажа јавните прослави на Денот на независноста.

Полскиот претседател Анджеј Дуда во вторникот отпатува за Киев на разговори со Зеленски и други официјални лица за воена, економска и хуманитарна поддршка за Украина.

Шефот на канцеларијата на Дуда, Павел Сзрот, им рече на новинарите дека соседните лидери ќе разговараат и за „како Полска може политички да помогне да ги убеди другите земји да помогнат“.

Украинската војска во вторникот соопшти дека руските сили извршиле нови артилериски и воздушни напади во регионот Запорожје, каде борбите предизвикуваат загриженост за безбедноста во близина на најголемата европска нуклеарна централа.

Украинскиот воен началник во понеделникот изјави дека речиси 9.000 војници загинале откако Русија ја нападна Украина пред речиси шест месеци.

Обединетите нации соопштија дека ја потврдиле смртта на повеќе од 5.500 цивили за време на руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари.

Детската агенција на ОН во понеделникот соопшти дека потврдила дека има најмалку 972 убиени или повредени украински деца од насилство, но рече дека вистинската бројка веројатно ќе биде многу поголема.

Најголем дел од децата жртви се предизвикани од употреба на експлозивно оружје, се вели во изјавата на извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел.

Некои информации се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG