Македонско-бугарската историска комисија ги објави досега усогласените препораки кои се поделени во две групи.
Првата е за заедничко одбележување на историски личности, а втората е за измени во дел од историските учебници во двете земји.
Според документите кои ги објавија министерствата за надворешни работи, комисијата усогласила препораки Северна Македонија и Бугарија заеднички да ги чествуваат св. Кирил и Методиј, св. Наум Охридски, св. Климент Охридски и цар Самоил.
Во делот на корекции на историските учебници – усогласени се по пет препораки за измени за 5 клас во Бугарија и за 6 одделение во земјава, кои се однесуваат на периодот на антиката.
„Тоа се препораки за оние места во историските учебници каде нашата страна сметаше дека треба да има подобрување во бугарските учебници за одредени теми и исто така, бугарската страна сметаше дека треба да има подбрување во нашите учебници. Ова се препораки кои одат до владите кои треба да ги усвојат и понатаму да продолжи процесот при пишување на идните учебници по историја. Препораките се однесуваат на некои структурални недоследности во лекциите, фактографски грешки, на историската географија – како се претставени одредени региони. Препораките не допираат до идентитеските прашања“, рече Драги Ѓоргиев, копретседател на заедничката комисија за историски и образовни прашања.
Смета дека доколу бидат усвоени препораките, тие ќе помогнат во подобрување на односите меѓу Скопје и Софија. Но, допрва следи работа за прашања и историски личности за кои веќе извесен период нема напредок во работата на Комисијата.
„Рокови во однос на постигнување резултати на Комисијата имаше и порано, и тоа е начин на кој размислуваат политичарите. Тие сакаат да постигнат резултати. Меѓутоа таму не стои во Протоколот императивно кога ние мора да ги завршиме тие прашања од средниот век. Таму стои охрабрување да се заврши за одреден период. Комисијата има своја динамика на работа, свој начин на работа, и се додека двете страни не утврдат дека е постигнат резултат согласно академските принципи, согласно последните историски истражувања, резултати од последните историски истражувања, ние нема да излеземе со готов производ, препорака во однос на учебниците. Така да, ние ги земаме предвид охрабрувањата од политичарите, но динамиката на работата и постигнувањето резултати ќе ја диктираме ние. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија“, рече Ѓоргиев.
Денешното објавување на препораките следи откако пред неполн месец беше потпишан Протоколот меѓу двете земји, во кој се предвидува дека токму во рок од еден месец Скопје и Софија треба да ги објават усвоените препораки од досегашната 4-годишна работа на заедничката историско-образовна комисија.