Линкови за пристапност

Уште два брода со украинско жито и прехранбени производи отпловија за Етиопија


Два брода ги напуштија украинските пристаништа во петокот. Украинскиот министер за инфраструктура, Олександр Кубраков, напиша на твитер дека еден од бродовите ќе биде натоварен со 23.000 тони жито за Етиопија. 14 бродови, вклучително и двата во петокот, ги напуштија пристаништата во Украина натоварени со прехранбени производи.

Британското Министерство за одбрана во петокот соопшти дека експлозиите на почетокот на неделата на воениот аеродром Саки во западен Крим, управуван од Русија, „сигурно уништиле или сериозно оштетиле“ осум авиони на Црноморската флота на руската морнарица.

Причината за првичната експлозија не е јасна, според извештајот објавен на Твитер, но министерството рече дека „големите облаци од печурки видливи на видеото од очевидци речиси сигурно се од детонација на најмногу четири откриени места за складирање муниција“.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски во своето обраќање доцна во четвртокот рече дека „евидентирано е уште едно гранатирање од страна на Русија“ околу нуклеарната централа Запорожје во Украина, најголемата нуклеарна постројка во Европа.

„Никој друг не користел нуклеарна централа толку очигледно за да му се заканува на целиот свет“, рече Зеленски. „А апсолутно сите во светот треба веднаш да реагираат за да се протераат окупаторите од територијата на нуклеарната централа Запорожје. Ова е глобален интерес, а не само украинска потреба“.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за гранатирањето на нуклеарната централа.

„Објектот не смее да се користи како дел од каква било воена операција“, рече генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во изјавата. „Наместо тоа, потребен е итен договор на техничко ниво за безбеден периметар на демилитаризација за да се обезбеди областа“.

Некои информации за овој извештај се од Ројтерс.

XS
SM
MD
LG