Линкови за пристапност

Бајден ја потпиша поддршката за приклучување на Финска и Шведска во НАТО


ВАШИНГТОН (АП) - Претседателот Џо Бајден денес официјално го поздрави приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО алијансата и ги потпиша документите за ратификација со кои се дава и официјална поддршка на САД за нордиските нации кои влегуваат во пактот за заемна одбрана, дел од преобликувањето на европската безбедносна положба по руската инвазија на Украина.

„Во обидот да се приклучат на НАТО, Финска и Шведска преземаат света обврска дека нападот против еден е напад против сите“, рече Бајден на потпишувањето додека го нарече партнерството „незаменлив сојуз“.

САД станаа 23-тиот сојузник кој го одобри членството во НАТО за двете земји. Бајден рече дека разговарал со шефовите на двете нации пред да ја потпише ратификацијата и ги повикал преостанатите членки на НАТО да го завршат процесот на ратификација „што е можно побрзо“.

Сенатот минатата недела одобри двете, некогаш неутрални нации да се приклучат на алијансата со гласање од 95 спрема 1 за кое Бајден рече дека му покажува на светот дека „Соединетите Американски Држави сè уште можат да прават големи работи“ со чувство на политичко единство.

Земјите побараа членство во НАТО претходно оваа година за да ја гарантираат нивната безбедност по офанзивата на рускиот претседател Владимир Путин во Украина. Правилата на Северноатлантскиот договор бараат согласност од сите нејзини 30 постоечки членки пред Финска и Шведска да можат официјално да пристапат во алијансата, што се очекува во наредните месеци.

XS
SM
MD
LG