Линкови за пристапност

Борба против сивата економија наместо измени во даночниот систем


Тајмингот за даночните реформи е погрешен, потребни се мерки за борба со сивата економија заради која државата губи многу пари а примената на прогресивниот данок ќе се одложи бидејќи ќе има превисока политичка цена, смета даночниот експерт Павле Гацов. Тој предупредува дека доколку се реализираат најавите и се прошири даночната основа, најмногу на удар ќе бидат микро и малите претпријатија кои наместо да го полнат Буџетот ќе станат корисници на Буџетските средства а тука е и опасноста дел од бизнисите, особено во информатичката индустрија, да се преселат надвор од Македонија



СКОПЈЕ – Најавите на Владата за даночни реформи со кои ќе се зголеми даночната основа, односно ќе се прошири листата на основи по кои граѓаните и фирмите ќе го полнат Буџетот наиде на остри реакции во бизнис заедницата и во јавноста. Владата убедува дека тоа нема да се одрази на стандардот на граѓаните и на работењето на фирмите и ќе се воведе правичност во даночниот систем во државата.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, со реформите во Буџетот ќе се слеат дополнителни 54 милиони евра.

Она што е јасно е дека ќе се предложи оданочување орочените депозити а се планира и оданочување на хонорарите и договорите за вработување на определено време кои би имале ист третман како платата и би се товареле и со социјални придонеси, нешто што наиде на остри критики во јавноста кога беше најавено па повлечено. Со новите измени се предвидува во делот за реинвестиции на добивката данокот да се укине само кога станува збор за реинвестиција во секторите зелена транзиција, дигитализација или енергетска ефикасност.

Во финансии сеуште размислуваат која ќе биде границата од која ќе почне да се оданучуваат доходите како и која ќе биде горната граница која што во моментов е 16 просечни плати односно нешто над осум илјади евра.

Разговорите со бизнис заедницата се во тек а според даночниот експерт Павле Гацов, во моментов е потреба одлучна борба против сивата економија наместо „реформи“ во даночниот систем.

„ Две работи се важни. Тајмингот и условите се негативни. Мислам дека не е време за вакци промени. Ако се спроведат ќе имаат импакт и врз граѓаните и врз бизнисот токму во вакви услови и затоа е пречекано во негативен контекст од деловната и општата јавноста. Затоа треба многу да се внимава, овој тајминг не дава право за вакви мерки. Напротив. Да се обмисли, да се дадат други решенија, особено во делот на трошењето на Буџетот бидејќи најлесно е да се побараат нови пари. Ние чекаме некаква промена во насока на внимателно трошење на тие тешко собрани пари од една страна и од друга страна да се направи сериозен системски обид да се зафати сивата економија која зафаќа една третина од даночниот дел кој се прибира. Ако не се направат обиди за заштеди на страната на трошењето, како и собирањето од оние што не плаќаат давачки нема да биде добро пречекана во јавноста ваквата таканаречена „даночна реформа“, вели Гацов. “, вели Гацов.

Тој стравува дека евентуалните реформи во облик како што се предложени, ќе имаат влијание врз микро и малите претпријатија и не ја исклукува можноста дел од бизнисите, особено во информатичката индустрија да се преселат надвор од државата.

„Економските субјекти ќе ја пречекаат ваквата мерка и ќе се обидат да го преселат бизнисот надвор, оние што можат. Особено ИТ секторот бидејќи се најавуваат и прибирање на соцвијални придонеси. Некои ќе ги згаснат своите бизниси бидејќи јасно е во услови на оганичени маржи, зборувам за најмалите субјекти, они што се занимаваат со трговија, не можат да остварат доволно маржа. Тие не може да остварат доволно приходи а ќе треба да плаќаат уште повеќе давачки и тоа ќе биде причина од активни прибиратели на јавни приходи да станат корисници на буџетски расходи што е дополнително оптоварување на Буџетот“, смета Гацов.

За Гацов, укинувањето на дел од ослободувањата при реинвестирање на добивката е неразвојна мерка и треба многу подобро да се обмислат измените во даночниот систем и политика.

За него е клучна борбата против сивата економија која во минатото но и сега Владите ја избегнуваат со цел да не изгубат гласови.

„Сите Влади досега, ако не ги притисне јавноста и ако нема висока политичка цена се обидуваат да се однесуваат комотно. Да дојдат до средства што ќе значи реализација на она што го ветиле во предизборната кампања без да се помачат системски или на терен, да се замерат со неплаќачите. Да соберат повеќе данок од оние и така што плаќаат. Ова е препознатлив механизам. Ќе собираме од оние што плаќаат малку повеќе, колку да издржат. А не системски да се впуштиме во борбата со сивата економија, од нашите гласачи кои би ни се одмаздиле на следните избори ако дојде до посериозна реформа. Така да ова не е отстапување од однесувањето на сите досегашни Влади“, вели Гацов.

Министерот Бесими најави дека сеуште се размислува дали од 1 јануари идната година да стапи на сила прогресивниот данок и какви измени ќе претрпи, додека Гацов смета дека тоа нема да се случи бидејќи политичката цена која ќе ја плати Владата ќе биде превисока.

Околу најавените данoчни реформи се огласи и претседателот на Стопанската Комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кој адресираше до Владата четири прашња пред да се почне со расправата за нацрт концептот на реформите.

Прашањата се однесуваат на постапките за задолжување преку еврообврзници и барањњето до ММФ за користење на линија за претпазливост и ликвидност, предлозите и барањата на Стопанската Комора на Северна Македонија и МЕА кои беа испорачани на последната средба а кои се во корелација со новите даноци и конкретните рокови за понуда на поквалитетни услуги пред да се зголемат даноците.

Од Стопанската комора соопштија и дека се изненадени бидејќи сеуште нема разговори околу најголемиот проблем на бизнис заедницата – цената на струјата.

XS
SM
MD
LG