Не е јасно што пронашле агентите на ФБИ за време на претресот кај поранешниот американски претседател Доналд Трамп во неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, во понеделникот.
Трамп рече дека агенти на ФБИ упаднале и во сефот во неговиот дом.
Трамп во изјавата во понеделникот вечерта рече: „Никогаш вакво нешто претходно не му се случило на претседател на Соединетите држави“.
Трамп, кој беше во Њујорк во понеделникот, не кажа зошто се случила рацијата. ФБИ и Одделот за правда не ја коментираа веднаш изјавата на Трамп.
Според извештаите на медиумите, околностите на претресот не биле јасни. Меѓутоа, Одделот за правда активно го истражуваше откривањето на доверливи информации во кутии со записи кои беа однесени во резиденцијата на Трамп во Флорида откако тој ја напушти Белата куќа во јануари 2021-ва година.
Претходно оваа година, Националната управа за архиви и записи соопшти дека пронашла доверлив материјал во 15 кутии во резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго. Потоа го упати случајот до Одделот за правда.
Трамп претходно изјави дека се согласил да врати одредени записи на американската Администрација за национални архиви и евиденција, нарекувајќи го „обичен и рутински процес“.
Одделот за правда, исто така, ги истражуваше напорите на сојузниците на Трамп да ги поништат резултатите од претседателските избори во 2020 година и нападот на Конгресот на 6-ти јануари 2021-ва година.
Одделот не објави дали во таа истрага ќе бара кривична пријава против Трамп.