Комисијата за заразни болести не предложи воведување на нови рестриктивни мерки. Во моментот хоспитализирани се 183 пациенти од кои 41 се на кислородна поддршка. Капацитетите се далеку од исполнети а сеуште траат преговорите меѓу министерството за здравство и лекарските здруженија за отварање на Ковид амбуланти. Омикрон Б.А.5 е доминантната верзија на вирусот во државата
СКОПЈЕ – Бројките на новозаболени сеуште растат, но со далеку помал интензитет од претходната недела, регистрирано е намалување на репродуктивнот број но пикот на овој последен бран на Ковид епидемијата се очекува да биде наредната недела. Според официјалните анализи на здравствените власти, изминатата недела е регистриран пораст на нови случаи од 8,5 отсто што е далеку помалку од неделата претходно кога процентот изнесуваше дури 55,7 отсто а доминантна е Омикрон Б.А.5 верзијата на вирусот.
Комисијата за заразни болести, која денеска имаше состанок, одлучи дека нема да препорача воведување на нови рестриктивни мерки а на сила останува задолжителното носење на заштитни маски во здравствени установи, апотеки, јавен превоз и домови за згрижување на стари лица и лица со посебни потреби.
„Во текот на наредната недела може да се очекува пикот на овој бран и тоа во согласност со намалување на репродукциоскиот број кој укажува колку често се пренесува од човек на човек. Можеме да кажеме дека земјата е во фаза на широка трансмисија меѓутоа сите здравствени капацитети се подготвени да одговорат. Затоа Комисијата одлучи да не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки. Апелираме до граѓаните сосвено да се однесуваат и да ги почитуваат мерките кои се на сила“, изјави др Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата.
Тој апелира до граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека имаат КОВИД да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу нив, да избегнуваат контакт со други луѓе и да избегнуваат престој во затворени простории без маски.
Според надлежните во Комсијата, проблемот со термините за тестирање во јавното здравство, кој беше актуелен изминатите петнаесетина дена е надминат.
„ Од здравство не информираа дека двојно се зголемени капацитетите каде се изведуваат тестовите и сега термините, без разлика дали станува збор за ПЦР тест или брз тест може да се закажат за 24 часа“, рече Мехмедовиќ.
Сепак останува отворено прашањето околу препораката на Комисијата за отварање на пет Ковид амбуланти во Скопје, кој е најголемото жариште на КОВИД во државата, поради несогласувањата меѓу матичните лекари, министерството за здравство и лекарските здруженија.
Во моментот, на инфективните одделенија и во Ковид центри во Скопје и внатрешноста, хоспитализирани се 183 пациенти од кои 41 е на кислородна подршка.
„На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 28 пациенти, во Институт по белодробни заболувања кај децата Козле 23 пациенти, Општа болница Гостивар 20 пациенти, Општа болница Куманово 16 пациенти, Клиничка болница Штип 12 пациенти, Општа болница Велес 11 пациенти, Општа болница Струмица 8, Општа болница Охрид и Општа болница Прилеп по 7 пациенти, Клиника за дигестивна хирургија и Клиника за гинекологија по 6 пациенти, УК ТОАРИЛУЦ 5, како и Специјална болница за нефрологија Струга 5, додека по тројца пациенти на Клиника за неврологија, Клиника за гастроентерохепатологија, Општа болница Струга, ГОБ 8 Септември, по двајца пациенти во Општа болница Дебар, Клиничка болница Битола, и по еден пациент на Клиника за ендокринологија, Клиника за детски болести и Клиника за пулмологија“, соопштија од министерството за здравство за Гласот на Америка.
Од почетокот на епидемијата 330 илјади граѓани зболеле од Ковид – 19 а досега се регистрирани 17.007 реинфекции. Како компликации предизвикани од вирусот досега починаа 9.387 граѓани.Во моментов активни се 4.139 случаи од кои 1.749 се во Скопје.
Интересот и одзивот за вакцинација и понатаму не е на задоволителното ниво кое го посакуваат здравстевните валсти.
Според официјалните податоци аплицирани се 1,9 милиони дози а целосно вакцинирани со најмалку две дози се 856.328 граѓани.
„Со една доза на вакцина против КОВИД-19, во државата и странство, вакцинирани се 59,5% од населението над 18 годишна возраст, односно 55,1% од население над 12 годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се 47,7%. Опфатот со две дози на вакцина против КОВИД-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 58,2%, односно 54,0% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 46,6%“, стои во анализата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Заклучно со минатиот месец третата доза вакцина е аплициарана 161 илјада граѓани додека четврта доза примиле 5.853 лица.