Линкови за пристапност

Блинкен ја обвини Русија за присилно депортирање Украинци


Државниот секретар на САД рече дека околу 900.000 до 1,6 милиони украински граѓани, вклучително и 260.000 деца, биле испрашувани, приведени и депортирани од нивните домови
Државниот секретар на САД рече дека околу 900.000 до 1,6 милиони украински граѓани, вклучително и 260.000 деца, биле испрашувани, приведени и депортирани од нивните домови

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја обвини Русија дека насилно депортирала стотици илјади Украинци во Русија од областите што ги контролира на истокот и југот на Украина,.

Блинкен рече дека околу 900.000 до 1,6 милиони украински граѓани, вклучително и 260.000 деца, биле испрашувани, приведени и депортирани од нивните домови во Русија, вклучително и во изолирани области на далечниот исток, преку операции на филтрирање.

Во изјавата на 13 јули, Блинкен ја повика Русија да ги прекине овие операции, за кои рече дека ги прекршуваат Женевските конвенции.

„Незаконското пренесување и депортирање на заштитени лица е сериозно прекршување на Четвртата Женевска конвенција за заштита на цивили и е воено злосторство“, рече Блинкен.

Операциите за филтрирање ги раздвојуваат семејствата, ги одземаат украинските пасоши и издаваат руски пасоши „во очигледен обид да се промени демографската структура на делови од Украина“, рече Блинкен во изјавата.

Луѓето кои се „филтрирани“ вклучуваат Украинци за кои се смета дека се закана поради нивната потенцијална поврзаност со украинската војска, медиумите, владата и групите на граѓанското општество, рече Блинкен.

Тој, исто така, ги наведе извештаите на очевидците од преживеаните кои рекоа дека руските власти превезувале десетици илјади луѓе во затворите во Доњецк контролирани од сепаратистите поддржани од Москва, каде што, наводно, многумина се измачувани.

Има извештаи дека некои поединци биле погубени, рече тој.

Се чини дека програмата за филтрирање е планирана рано и одговара на слични операции што Русија ги презеде во други војни, вклучително и во Чеченија, рече тој, додавајќи дека Русите мора да одговараат.

„Ова е причината зошто ги поддржуваме напорите на украинските и меѓународните власти за собирање, документирање и зачувување докази за злосторствата“, рече Блинкен.

Изјавата дојде еден ден пред конференцијата во Хаг за наводните воени злосторства во Украина.

Дел од информациите во текстот се преземени од агенцијата Франс-прес

XS
SM
MD
LG