Линкови за пристапност

Постои широка согласност за извоз на украинското жито, рече Гутереш


Денес е важен и суштински чекор, им рече Гутереш на новинарите за развојот на настаните на разговорите во Истанбул меѓу четирите страни
Денес е важен и суштински чекор, им рече Гутереш на новинарите за развојот на настаните на разговорите во Истанбул меѓу четирите страни

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш вчера изјави дека постои „широка согласност“ за договорот меѓу Русија и Украина, со Турција и Обединетите нации, за извоз на милиони тони украинско жито заглавено во силоси од руската инвазија на 24 февруари.

„Денес е важен и суштински чекор“, им рече Гутереш на новинарите за развојот на настаните на разговорите во Истанбул меѓу четирите страни, додавајќи: „Чекор на патот кон сеопфатен договор“.

Шефот на ОН го прекрши својот јавен молк за преговорите, посочувајќи на изјавата на турскиот министер за одбрана, кој рече дека постои согласност за главните точки, вклучувајќи го и создавањето на координативен центар со Русија, Украина и ОН; договор за контроли за проверка на житото на пристаништата; и обезбедување на безбедноста на товарните бродови кои носат жито надвор од Одеса.

„Се разбира, ова беше прва средба“, истакна Гутереш.

„Напредокот беше исклучително охрабрувачки. Сега, делегациите се враќаат во нивните престолнини и се надеваме дека следните чекори ќе ни овозможат да дојдеме до формален договор“, рече Гутереш.

Украинските власти соопштија дека руски проектили го погодиле централниот украински град Виница денес, при што загинале најмалку 12 лица, а 25 други се ранети.

Полицијата соопшти дека три проектили погодиле деловна зграда во центарот на градот и оштетиле станбени згради во областа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека меѓу загинатите има и дете.

„Русија секој ден го уништува цивилното население, убива украински деца, насочува проектили кон цивилни објекти каде што нема војска. Што е тоа ако не е отворен чин на тероризам?“ Зеленски напиша на апликацијата за пораки Телеграм.

Русија негираше дека целела цивилни цели.

XS
SM
MD
LG