Официјални лица од Русија, Украина, Турција и Обединетите нации се среќаваат во Истанбул во обид да го обноват извозот на жито од украинските пристаништа на Црното Море.
Руската инвазија на Украина го попречи украинскиот извоз, помагајќи да се зголемат светските цени на житото, маслата за јадење, горивото и ѓубривата. Турција и Обединетите нации работеа на постигнување договор за ублажување на кризата.
Москва изрази загриженост за бродовите кои се користат за внесување оружје во Украина и повика на претресување на бродовите.
Украина соопшти дека договорот не може да ја загрози безбедноста на нејзината територија долж Црното Море.
Британското Министерство за одбрана соопшти дека очекува руските сили да се фокусираат на преземање мали градови во близина на Славјанск и Краматорск додека се обидуваат да ја преземат контролата врз источниот регион Донбас.
„Урбаните области на Славјанск и Краматорск веројатно остануваат главни цели за оваа фаза од операцијата“, соопшти Министерството. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање рече дека „руското гранатирање не престанува, ниту еден ден“.
„Во Донбас, офанзивните обиди не запираат, ситуацијата таму не се олеснува, а загубите не се помали. Мора да го запомниме ова. Мора да го видиме ова, да привлечеме внимание на ова“. Украина во вторникот соопшти дека 52 Руси биле убиени во ракетен напад со долг дострел врз депонија за муниција во јужна Украина. Москва го оспори тврдењето, велејќи дека седум цивили биле убиени.