Американскиот претседател Џо Бајден денес во Белата куќа има разговори со мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор за миграцијата, безбедноста и економијата.
Висок претставник на администрацијата на Бајден за новинарите изјави дека се очекува двете страни да објават „заеднички активности за подобрување на граничната инфраструктура што се однесува на незаконската миграција, за унапредување на соработката со органите за спроведување на законот и за промоција на чиста енергија, економски иновации и просперитет“.
Официјалниот претставник рече дека двете страни ќе формираат работна група за да ги испита „патеките за миграција и заштитата на работниците“.
Директорот на Советот за национална безбедност за западната хемисфера Хуан Гонзалес изјави за Гласот на Америка на шпански јазик дека Белата куќа е подготвена да го прошири бројот на визи за привремените работници од Мексико и Централна Америка според потребите.
Тој не кажа колку визи може да се разгледуваат, по коментарите на мексиканскиот министер за внатрешни работи Адан Аугусто Лопез минатиот месец, кој сугерираше дека денешниот состанок ќе вклучи најава за понуда од уште 300.000 работни визи.
Мексиканскиот претседател вчера рече дека тој и Бајден ќе разговараат за начините за соработка за справување со инфлацијата и во Мексико и во САД.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс