Линкови за пристапност

Ракета со долг дострел погодила руско складиште за муниција во Украина, загинале 52 руски војници


Украинските и руските официјални лица денес дадоа различни извештаи за украинскиот напад во регионот Керсон во јужна Украина.

Според украинската страна, ракета со долг дострел погодила руско складиште за муниција во Нова Каховка, при што загинале 52 руски војници.

Русија, пак, соопшти дека украинскиот проектил наместо тоа погодил цивилна инфраструктура.

Исто така, денес, британското Министерство за одбрана рече дека руските сили продолжиле да остваруваат „поголеми територијални придобивки“ во провинцијата Доњецк, областа на источна Украина каде што ги фокусирале своите напори.

Во британското соопштение се вели дека Русија најверојатно го одржува притисокот врз украинските сили додека „се прегрупира и реконституира за понатамошни офанзиви во блиска иднина.

Официјални лица во градот Часив Јар во Доњецк соопштија дека бројот на загинати од рускиот ракетен напад врз станбена зграда се искачил на 34, а девет лица се спасени и извлечени од урнатините.

Петкатната станбена зграда беше урната во ракетен напад во саботата.

Часив Јар е на околу 20 километри југоисточно од Краматорск, град кој се очекува да биде главна цел на руските сили додека тие се обидуваат да навлезат на запад во провинцијата Доњецк, откако забележаа победа пред една недела во соседната провинција Луганск.

Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG