Линкови за пристапност

Блинкен од самитот Г-20 до Русија: Украина не е ваша земја. Тоа жито не е ваше жито


Руската инвазија на Украина е високо на агендата на американскиот државен секретар Антони Блинкен кој се сретна со другите министри за надворешни работи од Групата 20 најголеми економии, или Г-20, оваа недела во Бали, Индонезија.

Пред почетокот на првата сесија на состанокот, Блинкен се состана со министрите за надворешни работи на трансатлантските квартови - француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и вториот постојан потсекретар на Велика Британија и политички директор Тим Бароу.

Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, во изјавата во петокот рече дека разговарале за заедничките напори за обезбедување на Украина со дополнителна безбедносна и хуманитарна поддршка и ги разгледале начините за справување со глобалните грижи за безбедноста на храната што произлегоа од намерното таргетирање на украинското земјоделство од страна на Русија.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров двапати ги напушти средбите на министрите на Г-20 во петокот - првиот пат кога Баеркок говореше за време на сесијата за зајакнување на мултилатерализмот, а вториот непосредно пред министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, да се обрати на седницата преку видео врска. Лавров не беше во просторијата кога зборуваше Блинкен.

Во своите забелешки, Блинкен директно и се обрати на Русија, велејќи: „До нашите руски колеги: Украина не е ваша земја. Тоа жито не е ваше жито. Зошто ги блокирате пристаништата?“.

Блинкен, по состанокот со индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар, чија земја ќе биде домаќин на Г-20 следната година, рече дека организацијата „е витална институција за обид за колективно справување со некои од најзначајните проблеми и предизвици со кои се соочува светот.”

Блинкен рече дека многу од тие предизвици произлегуваат од руската војна против Украина, и дека другите во Г-20 изразија слична загриженост: „Значи, мислам дека она што веќе го слушнавме денес е силна порака од целиот свет - не само Соединетите Американски Држави, но ширум светот – за потребата од прекин на агресијата за да можеме всушност да се фокусираме на предизвиците што ги засегаат луѓето во нивните животи“.

Блинкен во сабота ќе учествува на билатерални средби со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

XS
SM
MD
LG