Линкови за пристапност

Бајден потпишa извршна наредба за да помогне во заштитата на пристапот до абортус


ВАШИНГТОН, (Ројтерс) - Американскиот претседател Џо Бајден денес потпишa извршна наредба за да помогне во заштитата на пристапот на жените до абортус и контрацепција, откако Врховниот суд минатиот месец ја поништи одлуката Роу против Вејд со која се легализира абортусот, соопшти Белата куќа.

Бајден беше под притисок од приврзаниците, особено од прогресивците, да преземе акција по значајната одлука, со која беа поместени околу 50 години заштита на репродуктивните права на жените.

Бајден го упати Одделот за здравство и човечки услуги да преземе акција за заштита и проширување на пристапот до „абортус со лекови“ одобрен од Управата за храна и лекови, соопшти Белата куќа.

Тој, исто така, ќе го насочи одделот да обезбеди жените да имаат пристап до итна медицинска помош, услуги за планирање на семејството и контрацепција, вклучително и интраутерини уреди (ИУД).

Јавниот обвинител на Бајден и советникот на Белата куќа ќе свикаат про боно адвокати и други организации за да обезбедат правен совет за пациентите кои бараат абортус, како и даватели на абортуси.

„Таквото претставување може да вклучи и заштита на правото да се патува надвор од државата за да се побара медицинска нега“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Одлуката на Врховниот суд ја врати способноста на државите да го забранат абортусот. Како резултат на тоа, жените со несакана бременост се соочуваат со избор да патуваат во друга држава каде што постапката е легална и достапна, да купат лекови за абортус преку интернет или да бидат доведени до потенцијално опасен нелегален абортус.

Бајден ја осуди одлуката на судот.

Прашањето може да помогне да се привлечат демократите на гласачките места на конгресните избори во ноември, кога републиканците имаат шанса да ја преземат контролата врз Конгресот. Демократите имаат тенко мнозинство во Претставничкиот дом и го контролираат рамномерно поделениот Сенат преку гласање на потпретседателката Камала Харис ако дојде до нерешен резултат..

Извршната наредба на Бајден, исто така, ќе има за цел да ја заштити приватноста на пациентите и да обезбеди безбедност за мобилните клиники за абортус на државните граници, соопшти Белата куќа.

XS
SM
MD
LG