Линкови за пристапност

Шести ден протести, шести пат „не“ за францускиот предлог


Граѓаните присутни па протестот бараа оставка од државниот врв и итно отфрлање на францускиот предлог за деболкада на бугарското вето и старт на преговорите со ЕУ
Граѓаните присутни па протестот бараа оставка од државниот врв и итно отфрлање на францускиот предлог за деболкада на бугарското вето и старт на преговорите со ЕУ

Протестите утре се заменуваат со блокади. Од 13 до 14 часот ќе биде блокиран булеварот пред Владата, превојот „Плетвар“ кај Прилеп и регионалните патишта Велес - Штип и Струмица - Радовиш

СКОПЈЕ- По три дена протести исполнети со тензии и инциденти денеска, шестиот ден од протестот, мина во мирна атмосфера како што очекуваше и се надеваше јавноста и граѓаните. По жестоките судири со полицијата но и вооружениот инцидент кај споменикот „Скендербег“ денеска беше изменета рутата по која се движеа граѓаните присутни на протестот „Ултиматум, Не благодарам“.
Вообичаено почна пред Владата во 19 часот, а низ центарот на Скопје и покрај министерството за правда, наместо МНР, пред Собранието.

Пред стартот на протестот претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара протестот да биде мирен да не се паѓа на провокации и ги обвини СДСМ и ДУИ дека со инфилтратори ги предизвикале тензиите и инцидентите вчера и завчера.

„Истовремено сакам да им порачам на оние кои што не се дел од овие протести, а кои што се обидуваат преку разно разни инфилтрирани групи, слуги на владата на СДСМ и ДУИ, наоружени и не наоружени, дека нема да наседнуваме на нивните провокации, знаеме кои се сценаристите на сето ова, тие се оние кои што сакаат ова да не успее, кои што сакаат да ги задржат своите фотелји и привилегии на грбот на народот. Овој мирољубив народ знае дека силата е во масовноста, не е силата во насилството. Насилството е практично предавство на вредностите во кои што ние веруваме, а ние веруваме во мирен и демократски начин на изразување незадоволство во она кое што го подготвува оваа корумпирана, анационална, предавничка и ненародна власт“, рече Мицкоски.

Граѓаните присутни па протестот бараа оставка од државниот врв и итно отфрлање на францускиот предлог за деболкада на бугарското вето и старт на преговорите со ЕУ.

На присутните пред Собранието се обрати актерот Сашо Тасевски, кој кажа дека со прифаќање на предлогот ќе се обезличи и асимилира македонскиот народ и нација.

„Францускиот предлог содржи бугарски шовинистички антимакедонски помии и го носи македонскиот народ кон обезличување. Таче, Заев, Маричиќ можете да потпишете секакво предавство, но тоа нема да ве направи поголеми европјани од нас, нема да ве направи ниту понапредни, ниту попаметни. Робови на Софија и Брисел, ете тоа сте вие. Не сакате да бидете Македонци, не ни можете, но треба да знаете една работа Македонија не дава да биде продадена, ако ја продадете ќе ги изгубите и парите и Македонија“, рече Тасевски.

Екс амбасадорот Ивица Боцевски го обвини дрѓаљвниот врв дека преговорал зад грб на народот и јавноста и дека лажел.

„Го преговарале овој документ и оваа преговарачка рамка ја преговарал Премиерот Ковачевски, Претседателот Пендаровски, ја преговарале Маричиќ и Османи. Не гледаа во очи и не лажеа дека не преговарале, не лажеа дека не го виделе документот. Го знаат од точка до запирка. Од овде сакам едно да им порачаме дека нашата последна црвена линија е Уставот“, кажа Боцевски.

Протестите утре се заменуваат со блокади. Од 13 до 14 часот ќе биде блокиран булеварот пред Владата, превојот „Плетвар“ кај Прилеп и регионалните патишта Велес - Штип и Струмица - Радовиш.

Протестите ќе продолжат во недела во 19 часот а како и досега појдовната точка е зградата на Владата.

Во продолжение - фотогалерија од денешниот протест:

XS
SM
MD
LG