Линкови за пристапност

Бајден размислува да укине дел од царините за Кина од времето на Трамп


Претседателот Џо Бајден може да објави отстранување на некои од царините што поранешниот претседател Доналд Трамп и ги наложи на Кина на почетокот на трговската војна во 2018-та година. Овој потег ќе и овозможи на администрацијата да дејствува за намалување на ефектите на инфлацијата врз американските потрошувачи, иако влијанието може да биде прилично мало.

Извештаите од Вол Стрит Журнал и Блумберг за време на викендот на 4-ти јули сугерираат дека администрацијата сè уште дебатира за ова прашање. Очекувањата се дека царините за некои стоки, кои немаат врска со националната безбедност, ќе бидат веднаш укинати и дека администрацијата ќе го рестартира процесот што им овозможува на бизнисите да поднесат петиција за „исклучувања“ за одредени стоки, што дополнително би можело да ги укине царините за одреден случај - по случај.

Во понеделникот, Политико објави дека администрацијата размислува веднаш да ги укине царините во вредност од околу 10 милијарди долари. Ако е точно, тоа би претставувало многу мал дел од царините во вредност од 370 милијарди долари, наметнати на кинески стоки за време на администрацијата на Трамп.

Администрацијата на Бајден е под притисок од бизнис заедницата да ги реши царините, кои во пракса функционираат како данок за американските потрошувачи, откако ја презеде функцијата на почетокот на 2021-ва година.

Во голем број јавни изјави, кои датираат од септември минатата година, администрацијата покажа подготвеност барем да размисли за повторно разгледување на царините, но застапниците досега залудно чекаа конкретен предлог.

Во сведочењето пред Конгресот минатиот месец, секретарката за финансии Џенет Јелен рече: „Оваа администрација наследи збир од ... царини наметнати од администрацијата на Трамп, кои мислам дека навистина не беа дизајнирани да им служат на нашите стратешки интереси“.

Јелен додаде: „Ги разгледуваме тие и бараме да ги реконфигурираме тие царини на начин кој би бил постратешки“.

Според соопштението од Одделот за финансии на САД, Јелен и кинескиот вицепремиер Лиу Хе разговарале за царинските тарифи за време на видеоконференција во вторникот. Се очекува државниот секретар Антони Блинкен да се сретне со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во сабота за време на патувањето во Азија, а санкциите можеби ќе бидат на дневен ред и таму.

Бајден и кинескиот претседател Шји Џјинпинг се очекува да зборуваат подоцна овој месец.

XS
SM
MD
LG