Премиерот и лидерот на опозицијата истанаа на своите цврсти ставови- „да“ односно „не“ во однос на францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија и старт на преговорите. Мицкоски побарал од Ковачевски да го отфрли предлогот а тој да се откаже од барањето за предвремени избори. Премиерот Ковачевски повика на одговорно однесување од политичките партии
СКОПЈЕ - Едночасовната тет -а-тет средба меѓу премиерто Димитар Ковачевски и лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заврши без договор. Двајцата останаа на своите тврди ставои околу францускиот предлог. За Ковачевски е прифатлив а Мицкоски не.
Премиерот Ковачевски повтори дека македонскиот јазик е чист а историските прашања остануваат вон преговарачката рамка.
„ Затоа сакам да сум кристално јасен – Македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија без никакви фусноти, дообјаснувања и ѕвездички. Предлогот воедно ги става билатералните историски прашања надвор од преговарачката рамка, отворените прашања со соседите треба да бидат затворени но затоа ќе имаме време се додека истите не се достоинствени и праведни за двете страни. ЕУ посочува дека тоа треба да се реши на билатерална основа и за тоа ова никако не е дел од рамката за преговорите“, рече Ковачевски по средбата.
Мицкоски пак соопшти дека му понудил на Ковачевски дека ќе се откаже од барањето за предвремни избори во замена за одбивање на преговарачката рамка.
„ Ковачевски да излезе и да го одбие ова коешто е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барање за предвремени парламентарни избори. Да ги ставам сите капацитети на ВМРО-ДПМНЕ институционални и да и помогнеме на Владата во надминување на предизвиците коишто оваа зима ќе се појават пред нас. Тука пред сè мислам на безбедносни, енергетски, предизвици со храна и финансиски. И на пролет да седнеме и да направиме реевалуација, репроценка на реалната состојба“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски за јазикот се прави непотребен тирумф бидејќи никогаш не бил спорен и побара да се избришаат членовите 11 и 14 како и два дела од преговарачката рамка.
„ Членот 11 од записникот е член којшто детерминира дека Македонија нема да отпочне преговори сè додека не го промени Уставот и нема да има преговарачка рамка, а членот 14 се повикува на протоколот којшто е дел од втората Меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија. Конференција и протокол во којшто се наоѓаат историските, образовните прашања, културните прашања и промена на учебниците и се она коешто изминативе денови како бугарска верзија јавноста можеше да го види“, рече Мицкоски и додаде дека отфрлањето на предлогот нема да ги влоши односите во Северна Македонија или да предизвика меѓуетнички тензии.
Ковачевски пак се обрати до политичките партии од кои побара одговорно однесување, но дали тоа ќе му помогне да ги собере потребните 80 гласа за отварање на Уставот без поддршка од ВМРО - ДПМНЕ останува да се види.
„ Сакам да ги повикам сите политички чинители да ја земат предвид големината на задачата која е поставена пред сите нас, и да постапуваат конструктивно, одговорно и државнички. Ние апсолутно можеме да не се согласуваме политички, но сите имаме заедничка одговорност да обезбедиме подобар живот за сите граѓани.Имаме единствена можност да ја исполниме нашата долгоочекувана стратешка цел – полноправно членство на ЕУ. Тоа е нашата визија и иднина. Имаме неповторлива можност за обезбедување просперитет на државата, затоа што им го должиме тоа на идните генерации. Време е за мудри одлуки“, рече Ковачевски.
Премиерот им порача на граѓаните дека е лесно да се отфрли предлогот, но во моментот е потребна мудрост, анализа на сценаријата и рационално размислување.