Во Скопје веќе интензивно се разгледува т.н француски предлог – сет од неколку документи кој предвидува компромис меѓу македонските и бугарските позиции од чие прифаќање зависи дали Софија ќе го крене ветото или не. За разлика од претходниот документ, овој „пакет“ владата го смета за, како што изјави премиерот, добра основа кој ја става земјата во поповолна позиција.
„Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста што се отвора за нашата земја. Сите лажни тврдења мислам дека пропаднаа. Како влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија, го штитевме државниот интерес“.
Владата, откако денеска имаше консултации на ниво на владејачки партии, реши да го објави документот од Париз. Според документите обелоденети пред јавноста, во преговарачката рамка ЕУ-Северна Македонија, стои формулација „македонски“ јазик.
„Северна Македонија ќе треба да изготви превод на заедничкото европско право на македонски...“ стои во рамката во која и се нотира дека Унијата ги зема предвид унилатералните изјави на Софија и Скопје за македонскиот јазик. Во рамката нема реферирање ниту на идентитетски или историски прашања.
„Македонскиот јазик во преговарачката рамка е македонски јазик, сите идентитетски прашања се заштитени зашто тоа беа нашите клучни барања. Овој предлог ќе оди во собранието“, рече премиерот Ковачевски.
Другиот суштински елемент од сетот од три документи е дека ќе има операционализација на отворањето на преговори преку прва Меѓувладина конференција, во меѓувреме Европската комисија ќе врши скрининг, а за формално преговарање за првиот кластер поглавја Северна Македонија ќе треба да го затвори процесот на уставни измени и вклучување на Бугарите во преамбулата. Претходно, ќе треба да се потпише протоколот меѓу двете земји, кој е инструмент за имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија. Токму овој протокол беше дел од стравувањата дека значи вметнување на билатералните прашања во европска рамка.
„Пакетот има европска и билатерална компонента. Билатералната компонента е протоколот кој не е во европскиот дел, но е дел од целиот процес за Бугарија да даде согласност. Протоколот е усогласен меѓу двете МНР, а треба да го одобри владата. Ако владата го одобри целиот пакет јас веднаш можам да организирам Меѓувладина комисија“, изјави Бујар Османи.
Консултациите ќе продолжат во наредните денови – предвидени се разговори со експертката јавност, невладините организации, но и со опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека не го прифаќа овој нов француски предлог и повика на масовен протест утре пред владата.