Линкови за пристапност

Јужните делови на Северна Македонија ќе бидат најмногу погодени од климатските промени


Без заеднички регионален пристап нема да може да се справиме со климатските промени, вели за Гласот на Америка министерот за животна средина, Насер Нуредини. Според него, тоа веќе се чувствува со појавата на екстремните временски непогоди како што се поплавите, кои создаваат штети врз домовите и земјоделските површини.

„Ние затоа сега зборуваме за адаптација на нашето земјоделие. Тоа значи дека ние мора заедно со нашите комшии да имаме добра стратегија, поради храна, енергетика и затоа ние мора сите заедно да бидеме подготвени, бидејќи сами нема да може да го решиме проблемот со климатските промени“, вели Нуредини.

А, што не очекува. Продолжени сушни периоди, зголемување на температурите и намалување на количеството на дожд или пак дека воопшто ќе ги нема во текот на летото. Тоа е нешто што водните еко системи, не можат да го издржат, вели Елена Николовска, програмски коориднатор за клима во Центарот за истражување, Еко свест.

„Ова може да биде катастрофално за земјоделието“, рече Николовска.

А, сето тоа директно ќе се одрази и врз производството на храна. Но, проблем е вели таа, што државата се уште нема национална стратегија за адаптација.

„Важна ни е затоа што не сме подготвени за овие ново настанати климатски услови, а ќе се влошуваат. Дефинитивно во пределите на државата каде имаме интензивно земјоделие, од каде доаѓа нашата храна, ќе ни треба стратегија за тоа како ќе се произведува храна во овие ново настанати климатски услови кои очекувме да се влошат. Тоа моментално го немаме“, додава таа.

Иако целата држава ги чуствува последиците, потешко ќе бидат погодени јужните делови, каде се произведува и најмногу храна.

„Предел каде веќе е висока темпертурата и каде може да очекуваме пораст на температурите и намалување на врнежите. И, кога ќе има врнежи, тоа ќе бидат екстремни бури со електрични празнења и со појава на град“, додава Николовска.

Планот пак на државата е да ја намали емисијата на стакленички гасови за 51 отсто.

„Во тек сме да утврдиме не само во нашата држава, туку во целиот регион, да ги идентификуваме тие точки кои ќе имаат проблеми со климатските промени. И, една од нив е Шар Планина, за жал. Да изработиме некои планови за да го адаптираме нашиот живот и да бидеме подготвени што ќе биде утре“, рече министерот Нуредини.

Еколошките активисти сметаат дека е потребна и стратегија како ќе функционират градовите во вакви екстремни временски услови, бидејќи во моментот велат истите не се прилагодени на тоа.

XS
SM
MD
LG