Наместо низ политичка дебата да има усогласување на ставови, се случи влечење микрофони, закани, пцости, фрлање чаши и шишиња...
Македонското собрание се претвори во арена на докажување, постапки и однесување недолични за еден законодавен дом.
За ваквиот крај на седницата на комисијата за европски прашања во кој „главна ѕвезда“ беше претседателот на ова тело, пратеникот Арбер Адеми од ДУИ, опозицијата бара санкции за, како што го нарече, неговото дивеење, во Собранието.
„Повикуваме јавното обвинителство да реагира и да се симне имунитетот на Адеми и да одговара за насилството во Собранието. Очекуваме пратениците на СДСМ и Димитар Ковачевски да излезат од скутот на ДУИ и еднаш да се охрабрат и да санкционираат вакво однесување“, рече Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
По синоќешниот тензичен настап, Адеми денеска изрази жалење за настаните – вели бил испровоциран.
„Жалам за она што се случи синоќа на седницата на Комисијата за европски прашања и изразувам жалење за сите оние сцени испровоцирани од опозицијата што се случија, а кои не требаше да се случат такви сцени. Жалам за ваквите сцени и очекувам ваквите моменти и ситуации да не бидат поттик за судир во Собранието. Реформската агенда на ова парламентарно мнозинство, но и на Владата мора да продолжи, не смееме да станеме плен на нивните провокации кои се во функција на реализација на странски агенди за дестабилизација на државата но и за дефокусирање на граѓаните и на пошироката јавност од интеграциските процеси“, изјави Арбер Адеми од ДУИ.
По инцидентот следеше нова расправа – преку социјалните медиуми. Државниот секретар во министерството за култура, Валмир Азири, се закануваше со физичко насилство за што Антонио Милошоски го пријави во полиција. ВМРО-ДПМНЕ од пред владата побара лично да реагира премиерот.
„Овој владин функционер вчера повикуваше на физичко насилство со нанесување на тешки телесни повреди и ова е кривично дело според членот 394-г од Кривичниот законик, дело со кое што се предвидува казна затвор од една до пет години. Токму поради тоа и поради сериозноста на овој инцидент, а и траорноста на вчерашниот ден за демократијата во Република Македонија, дојдовме и лично го поднесовме барањето за остра реакција од претседателот на Владата Димитар Ковачевски“, изјави Никола Мицески, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Политичката некултура и нетрпеливост што се манифестираше во собранието се случи токму во периодот кога во Скопје се одржува 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Северна Македонија и ЕУ.