Линкови за пристапност

Зеленски вели дека Украина има потреба од ракетен одбранбен систем


Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека ја истакнал потребата од „моќен противракетен одбранбен систем за Украина за да се спречат руските терористички напади“ во разговорите со лидерот на НАТО.

Телефонскиот разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дојде пред почетокот на самитот на лидерите на НАТО во Мадрид, каде што се очекува Украина да биде меѓу главните теми.

„На нашиот самит на НАТО ќе ја засилиме поддршката за нашиот близок партнер Украина, сега и на подолг рок“, напиша Столтенберг на Твитер по разговорот со Зеленски. Сојузниците на НАТО стојат со вас“.

Столтенберг во понеделникот рече дека западната воена алијанса прогласува седумкратно зголемување на бројот на своите војници во готовност - од 40.000 на повеќе од 300.000.

Спасувачките екипи во централна Украина продолжија со потрагата по преживеани во трговскиот центар каде руските сили извршија ракетен напад во понеделникот, при што загинаа најмалку 18 луѓе.

Според Зеленски во трговскиот центар во градот Кременчук имало повеќе од 1.000 цивили во моментот на нападот, што тој го нарече „пресметан“.

„Ова не е случаен напад, ова е пресметан руски напад токму врз овој трговски центар“, рече Зеленски во понеделникот во своето ноќно видео обраќање. Тој додаде дека нападот „е еден од најсмелите терористички напади во европската историја“.

Зеленски претходно изјави дека трговскиот центар, во град на 300 километри југоисточно од главниот град Киев, „не претставува опасност за руската армија, ниту стратешка вредност“.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен на Твитер напиша: „Светот е згрозен од ракетниот напад на Русија денеска, кој погоди преполн украински трговски центар - последното во низата злосторства. Ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите украински партнери и да бараме одговорност од Русија, вклучително и оние кои се одговорни за злосторствата“.

Портпаролот на Обединетите нации Стефан Дужарик го нарече нападот „жалосен“ и рече дека Советот за безбедност при ОН ќе се состане во вторник на барање на Украина.

Ракетниот напад се случи кога Групата седум водечки економии се состана во германските Баварски Алпи и ветија континуирана поддршка за Украина.

Водачите на групата го нарекоа ракетниот напад од понеделникот „одвратен“.

Соединетите држави и другите членки на Г-7 во понеделникот воведоа нови санкции против Русија поради нејзината четиримесечна инвазија на Украина.

Тие вклучуваат мерки за отсекување на Москва од материјалите и услугите потребни на нејзиниот индустриски и технолошки сектор.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG