Линкови за пристапност

Илина Арсова и Силвија Митевска апелираа за повеќе жени во спортот на глобален настан во Вашингтон


На 23 јуни се одбележаа 50 години откако Конгресот на САД го донесе законот, со кој се забрани полова дискриминација во училиштата и се отвори вратата за жените во спортот
На 23 јуни се одбележаа 50 години откако Конгресот на САД го донесе законот, со кој се забрани полова дискриминација во училиштата и се отвори вратата за жените во спортот

Илина Арсова и Силвија Митевска, заедно со околу 40 девојки од цел свет, изминативе две недели се собраа во САД да споделат пораки за поголема вклученост на жените во спортот.

Преку бизнис обуки и тимски активности, тие ја прославија десетгодишнината од глобалната спортска менторска програма, поддржана од Стејт департмент, како и 50 години од федерланиот закон за граѓански права (Title IX), согласно кој, жените во САД добија еднакви права и финансиска поддршка во сите сфери на општетството.

Арсова, која е прва Македонка што ги искачила највисоките врвови на сите седум континенти, и Митевска, активистка и претседателка на Комисијата за родова еднаквост во македонскиот Олимписки комитет, велат дека ја пренеле пораката на сите спортистки во Македонија.

„Еден од најубавите моменти во професионалната кариера беше кога на свечениот настан во Капитол Арена, пред влијателни луѓе во Америка меѓу кои и првата дама на САД Џил Бајден накратко се презентираше мојата долгогодишна работа и заложба за родова еднаквост и зајакнување на девојки и жени преку спорт во Северна Македонија. Во 2016 година преку истата програма имав прилика да присуствувам на настан во Белата куќа, а овојпат бев пресреќна што можев да се запознаам со првата дама Џил Бајден. И амбасадорката на САД во Скопје Кејт Брнз беше присутна на настанот и можевме заедно да ги споделуваме импресиите. Таа е една од најголемите поддржувачи на нашата работа во Северна Македонија“, рече Митевска.

Илина Арсова и Силвија Митевска, со американската амбасадорка Брнз во Вашингтон
Илина Арсова и Силвија Митевска, со американската амбасадорка Брнз во Вашингтон

Арсовa вели дека токму пред десет години го започнала движењето за вклучување и зајакнување на жените преку спортот.

„Оваа иницијатива беше широко прифатена и се` уште се надградува во нашата заедница. Лично за мене оваа година беше исклучително важна, бидејќи сум дел од самото основање на програмата во 2012 година, по иницијатива на тогашната државна секретарка Хилари Клинтон, во партнерство со најголемите спортски компании од САД. Како ликовен уметник ми беше особена чест да бидам дел и од работниот тим при визуелизација на приказните на другите учеснички, преку книга, веб-страна и анимирани филмчиња по повод десетгодишнината од програмата“, рече Арсова.

Кетрин Швитцер, прва жена која официјално го трчала маратонот во Бостон
Кетрин Швитцер, прва жена која официјално го трчала маратонот во Бостон

На 23 јуни се одбележаа 50 години откако Конгресот го донесе законот, со кој се забрани полова дискриминација во училиштата и се отвори вратата за жените во спортот.

Влијанието на овој закон врз жените во спортот е неспорно. Од 1972 година, бројот на жени запишани на факултет пораснал за речиси 20 проценти, а минатата година достигна рекордно високо ниво.

Во изминатите 50 години, повеќе од 3,4 милиони средношколки се натпреваруваат во спорт, а спортистките добија подобра опрема, потрошен материјал и капацитети.

Првата дама Џил Бајден рече дека пред 50 години била испишана историја, но оти треба уште да се работи за да се постигне поголем напредок во заштитата на жените.

XS
SM
MD
LG