Линкови за пристапност

Украинските сили ќе се повлечат од Северодоњецк


Украинските сили ќе се повлечат од опколениот град Северодоњецк, изјави регионален украински воен лидер, додавајќи дека нема смисла да се продолжи со војување кој со месеци е речиси под постојан напад од руските сили.

Европскиот парламент во четвртокот со големо мнозинство гласаше за доделување статус на кандидат за членство во Европската унија на Украина, притискајќи ја еден чекор поблиску до западните сојузници кои ја снабдуваа со огромни количини на оружје за да и помогнат да се бори против руската инвазија.

Гласањето за Украина беше 529-45, со 14 воздржани. Европскиот парламент ја одобри и ЕУ кандидатурата за Грузија и Молдавија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер напиша дека „ова е единствен и историски момент во односите Украина со ЕУ... Иднината на Украина е во ЕУ“.

На Инстаграм Зеленски напиша: „Штотуку ја добивме кандидатурата. Ова е нашата победа“.

Гласањето дојде откако Соединетите Американски Држави соопштија дека испраќаат уште 450 милиони долари воена помош за Украина, вклучително и некои дополнителни ракетни системи со среден дострел, покрај помошта од една милијарда долари што ја најавија пред една недела.

Претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук преку порака на Фејсбук им се заблагодари на европските пратеници за поддршката, велејќи: „Украина е земја на ЕУ. И, ние се бориме за ова право не само на бојното поле, туку и во правната сфера“.

За да можат трите земји да се приклучат на 27-члениот блок на ЕУ, од нив ќе се бара да спроведат низа политички и економски реформи.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека Украина „веќе има спроведено приближно 70 отсто од правилата, нормите и стандардите на ЕУ“. Таа, сепак, рече дека треба многу да се направи во областите „владеење на правото, олигарсите, антикорупцијата и основните права“.

Исто така во четвртокот, премиерот Борис Џонсон рече дека Британија е подготвена да му помогне на Киев во деминирањето на јужниот брег на Украина и да обезбеди осигурување на бродовите за да помогне во трансферот на некои од повеќе од 20 милиони тони жито складирани во земјата, објави Ројтерс.

Украина, еден од најголемите светски производители на храна, не може да извезува жито откако Русија ја нападна. Резултатот е растечка глобална криза со храна.

Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.

XS
SM
MD
LG