Позицијата на официјално Скопје е дека договор со Бугарија е можен ако во т.н. француски предлог кој, како што објаснуваат од македонската влада, се уште е во работна, нефинална верзија, бидат вградени две клучни барања. Тие се е одржување на Прва меѓувладина конференција, па потоа отворање на процедурата за промена на Уставот и усвојување преговарачка рамка без билатералниот протокол кој е всушност инструмент за следење на исполнувањето на договорот за добрососедство со Бугарија.
Истурениот дипломатски двоец Маричиќ – Османи, по вчерашното „не“ за францускиот документ, предложен во таква форма, што во Брисел го испорача премиерот Ковачевски, денеска во Скопје го дообјаснуваше ваквиот потег и причините за отфрлањето.
„Нашиот став е дека прашањето на јазикот, како и историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и секвенционирањето на промената на уставот и почетокот на преговорите се прашања кои се важни во нашата одлука да се прифати или одбие некој предлог“, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Сега очекувањата се дека Франција, во наредните 7 дена од своето претседавање со ЕУ, ќе даде конечен предлог, но прашањето е што тоа би значело откако бугарското собрание денеска усвои резолуција со која се утврдуваат условите под кои Софија може да ги поддржи идните чекори во евроинтеграцијата на Северна Македонија. Оваа резолуција всушност значи прифаќање на францускиот предлог, што Скопје го оцени за неприфатлив, носо дополнителни услови како впишување на Бугарите во македонскиот Устав, но и „подобрување на предлог-Преговарачката рамка и предлог-заклучоците на Советот за појасно одразување на ставот дека ништо во процесот на пристапување на земјава не може да биде толкувано како признавање од Бугарија на постоењето на македонски јазик....
Француското МНР, пак, оценува дека наредните денови ќе бидат решавачки и дека е подготвено, ако има договор, да организира Меѓувладина конференција. „Остануваме мобилизирани за да постигнеме избалансирано и заемно прифатливо решение“, порачува официјален Париз.
По настаните во Брисел, опозицијата, но и дел од помалите партии-коалиционери во владата побараа оставки од Османи и Маричиќ поради, како што го нарекоа дипломатскиот неуспех.
„Ние не го квалификуваме ова прашање, како црно-бело прашање на успех или неуспех. Ова е наша борба да станеме членка на ЕУ, притоа запазувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаните. Нема да правиме компромис ниту за едното, ниту за другото. Ќе станеме еден членка на ЕУ, но со заштитени државни интереси“, рече Османи.
За тоа да се случи треба да поминат години преговори со ЕУ, под услов претходно да се најде компромис со Бугарија.