Линкови за пристапност

Охрид пред сериозен предизвик, целосно да се дигитализира како туристичка дестинација


Неможноста да се купи онлајн билети за локалните автобуски линии, бродскиот превоз или пак за посета на некои од туристичките локалитети и музеи, е еден од главните проблеми со кои туристите се соочуваат при посетата на Охрид. Многу малку е застапена и можноста за е-плаќање, дигитална рецепција, е-продавници, нешто што во најголемиот дел од европските туристички дестинации веќе успешно се применува.

„Тоа е проблем на туризмот, затоа што туризмот подразбира многу услови. Туризмот не е само сместување, храна и посета на институции од областа на културата, туку туризмот е се она што ние секојдневно го живееме во градот“, вели Цветко Андреески, професор на факултетот за туризам во Охрид.

Андреески вели дека треба да се работи уште многу за да сите тие услуги, гостите можат да ги добиваат.

„Меѓутоа и на квалитетен начин, а од друга страна компаниите од областа на туризмот да имаат бенефит од тие информации, за да добијат конкурентска предност во однос на други дестинации“, додава тој.

А, можности и решенија постојат. Треба само желба и волја да се инвестира во новите и современи трендови.

„Може да понудиме интересни решенија во насока на повеќе смарт апликации и Охрид да стане една смарт околина. Апликации кои би помогнале при дигитализација на резервации, при дигитализација на превоз, паркинг, па ако сакате и безбедна храна“, вели Устијана Речкоска Шикоска, проректор на Универзитетот Свети Апостол Павле во Охрид.

Еден таков проектот предвидува, малите хотелиери и луѓето кои издаваат соби на микро ниво, да влезат во еден процес на дигитализација. Ќе бидат вклучени околу 300 микро субјекти од целиот регион, за кои ќе биде обезбедена и обука.

„Да осознаат каков е патот на нивните гости. Од идеја дека треба да појдат на одмор до идејата дека баш треба да дојдат во Пештани во таа и таа вила. И, на крај податоците не да останат кај нас, туку податоците да бидат кај нив, да можат утре за наредната сезона да го имаат податокот од гостинот, од местото тоа и тоа, кои престојувал толку и толку вечери, и да можат да му го продадат истиот аранжман“, вели Ванчо Костурски, маркетинг менаџер.

Ако сакаме азиски туристи, тогаш треба да овозможиме плаќање со мобилни телефони, со мобилни апликации, апликативни решенија, букирање, дигитализација па всушност и сигурноста во дестинацијата“, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за туризам.

Агенцијата за туризам во 2019-та година, стартуваше со 100 отсто онлајн маркетинг рекламирање на самата дестинација. Од таму најавуваат отпочнување со програма е-туризам, која ќе се реализира во соработка со туристичкиот сектор и одредени министерства.

„Тоа е една програма, една широка голема платформа, која ќе го дигитализира туристичкиот сектор и таа се гради низ годиниве. Таа ќе биде толку применлива и брза, толку колку што ние ќе потрудиме да се промениме и да ја прифатиме“, вели Јаневски.

На дебата која неодамна се одржа на Факултетот за информатичко технологии во Охрид, беше речено дека дигитализацијата на туризмот е процес, и оти проблемите се секаде исти во регионот.

XS
SM
MD
LG