Линкови за пристапност

ССМ и Владата без договор - Јавниот сектор од утре во генерален штрајк


Синдикатот не постигна договор со Владата за усогласување на платите и линерано зголемување за 2.806 денари и од утре јавниот сектор ќе работи со капацитет од 10 отсто за да може да им излезе во пресрет на граѓаните за елементарните и неодложни потреби. Од Владата соопштија дека е потребна нова методологија со која ќе се постигне системско решение а не само парцијално решавање на проблемот, но од Синдикатот тоа го оквалификуваа како купување на време

СКОПЈЕ – Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) од утре почнува со најавениот генерален штрајк откако истече рокот и пропаднаа сите обиди за договор со Владата и исполнување на нивните барања за усогласување на платите, враќање на регресот за годишен одмор од наредната година во висина од 30 до 100 отсто од просечната плата како и нов Колективен договор. Утрово во ССМ синдикалците се сретнаа со вицепмиерот Битиќи, министерот за финансии Бесими и за труд и социјала Тренчевска но разликите не беа надминати.

„Не се договоривме, утре одиме на штрајк. Тоа е наше легитимно право да го изразиме незадоволството. Ќе се штрајкува на работните места со прекин на работата во текот на работното време“, соопшти Дарко Димовски претседател на ССМ.

Додека членовите ќе штрајкуваат на работните места, штрајкувачкиот одбор утре пред Собранието ќе нареди 120 столчиња и од пратениците повторно ќе побараат да се прифати нивниот амандман на ребалансот на Буџетот.

Дарко Димовски,претседател на ССМ
Дарко Димовски,претседател на ССМ

„На тој начин ќе упатиме апел доколку тоа не се случи дека и тие утре можат да бидат дел од нас работниците, кои ќе стојат надвор пред Собранието бидејќи работникот е оној што гласа и во наредните избори ќе биде клучната алка за која партија ќе биде на власт“, рече Димовски.

Од Владата сметаат дека правото на штрајк е легитмно и додаваат дека нивен став е да се најде системско а не ад хок решение и методологија и со тоа да се избегне само навидум решевање на проблемот и повторување на истата ситуација наредната година и при секое покачување на минималната плата.

„Ние остануваме на фактот дека треба да се примени усогласувањето на платите со минималната плата. Треба да се дефинира. Но, тоа треба да се следи со методологија за раст на плати за да се се враќаме на истата дискусија што ја имаме сега и наназад 30 години при секое движење на минималната плата. За К-15 кој е дел од преговорите веќе имаме конкретен предлог“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

За ССМ новата методологија како адут на Владата е само купување на време.

Од Синдикатот се децидни дека не станува збор за покачување на платите туку усогласување со минималната пата а целиот процес би чинел околу 30 милиони евра, од кои една третина би се вратиле назад во Буџетот преку даноци. Оттаму додаваат дека се кртајно разочарани од односот на народните избраници кои вчера, на Комисијата за финансирање и буџет, не го изгласаа амандманот на ССМ на ребалансот на Буџетот со кој требаше да се обезбедат средства за линеарно покачување на платите.

ССМ се обиде да издејствува договор преку процесот на медијација, кој го почнале пред десетина дена но на нивно изненадување, до вчера немало никаков контакт, а утрово според нивното кажување помирувачот пристигнал комплетно неподготвен.

Уште во генерален штрајк стапуваат војската, полицијата, вработените во образованието, здравството, комуналните претрпријатија, општините, Управите, државните претпријаија и администрацијата односно секаде каде што има синдикални организации. За да може граѓаните да ги остватар своите елементарни потреби од ССМ соопштија дека јавниот сектор ќе работи со капацитет од 10 отсто.

XS
SM
MD
LG