Линкови за пристапност

Преспа форум: Зелената агенда е иднина за Западен Балкан, но е можна само со заедничка соработка


Сесијата за „Зелена агенда за Западен Балкан“ се одржа во воведната програма на годинешниот Преспа форум
Сесијата за „Зелена агенда за Западен Балкан“ се одржа во воведната програма на годинешниот Преспа форум

Учесниците во сесијата поветена на Зелената агенда укажаа дека е неопходна соработка и во инфраструктурата, да се групираат пазарите, а со цел да се постигне што поголема енергетска независност

Наша сегашност и наша иднина се зелената енергија и зелената економија, но нивното остварување нема да биде можно без заедничка соработка. Тоа беше една од пораките што беше упатена од сесијата за „Зелена агенда за Западен Балкан“, што се одржа во воведната програма на годинешниот Преспа форум, што денеска и утре се одржува во Охрид.

На панелот учествуваа министри и владини претставници од нашата земја и од соседството, како и странски и домашни претставници од невладин сектор и познавачи на еколошките состојби во регионот.

„Една земја не може да ги постигне овие цели самата. Потребна ни е интензивна соработка, заеднички пристапи и дејства, ако сакаме да ги постигнеме нашите цели“, рече министерот за животна средина, Насер Нуредини, кој во обраќањето посочи дека покрај намалувањето на емисиите на јаглерод, треба да се посочи внимание и на забрзаното намалување на водните капацитети во регионот.

Регионалниот амбасадор на еколошката стратегија КОП26 за Европа, Дејвид Моран укажа дека со т.н. зелен развој се овозможува и напредок на економијата.

Министерката за екологија на Црна Гора, пак, Ана Новаковиќ Ѓуровиќ, укажа дека малите хидроцентрали ја усложниле ситуацијата и дека треба да се најде решение и за нив, а кое ќе биде во насока на заштита на животната средина.

Алмира Џембула, заменичка министерка за туризам од Албанија, истакна дека е неопходно воспоставување т.н. циркуларна економија во која отпадот би се рециклирал и потоа или би се продавал или повторно би се ставил во употреба.

Во дискусијата се вклучи и координаторот на ОБСЕ за заштита на животната средина, Игли Хасани.

„Ситуацијата во Украина покажа како климатската акција зависи од геополитиката. Од тие аспекти треба да постапуваме координирано. Земјите од Југоисточна Европа покажаа значаен напредок во подобрување на климатските состојби“, рече Хасани.

Бојана Станојевска-Печуровска, од Центарот за климатски промени укажа дека околу 70% од производството на енергијата во Македонија доаѓа од јаглен и дека е неопходно да се развиваат обновливите извори.

Свое обраќање на дискусијата имаше и вицепремиерот Фатмир Битиќи.

„Одржливата зелена иднина е начин на размислување и тоа не може да се случи преку ноќ. Тоа е долг процес кон кој се прилагодува и нашиот животен стил и нашата економија“, рече Битиќи.

Црногорскиот министерот за капитални инвестиции, Ервин Ибрахимовиќ, пак, истакна дека регионот има потенцијал за енергетска независност, но и тој додаде дека е неопходна поголема регионална соработка и инфраструктура за обновливата енергија.

Мора да има регионален контекст. Ниту една држава од регионот нема сама капацитет да го финансира преминот кон чиста енергија
Крешник Бектеши, Министер за економија

Претседателот на албанскиот Претприемнички институт, Бесарт Кадриа, укажа дека зелената економија не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција. Искуства сподели и германскиот владин советник, Франк Шауф, кој истакна дека и во Германија има случаи кога се јавува отпор за употреба на обновливи извори на енергија. Притоа, Шауф, како пример наведе негодување на дел од тамошната јавност кон планови за масовна изградба на ветерници.

Тодор Тодоров, пак, координатор во Бугарија за енергетска трансформација, посочи дека решение за актуелната енергетска криза, настаната поради војната во Украина, е забрзано преминување кон обновливи извори на енергија.

Заклучокот на првата сесија го изнесе министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој укажа на новите планови, со кои им се овозможува на домаќинствата и малите фирми самите да произведуваат енергија преку фотоволтаици и дел од таа да ја продаваат во енергетската мрежа.

„Не можеме самите да работиме, кога станува збор за премин кон чиста енергија. Мора да има регионален контекст. Ниту една држава од регионот нема сама капацитет да го финансира преминот кон чиста енергија“, посочи Бектеши.

Зелената агенда за Западен Балкан е една од главните теми на годинешниот Преспа форум. Учесниците укажаа дека е неопходна соработка и во инфраструктурата, да се групираат пазарите, а со цел да се постигне што поголема енергетска независност.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG