Линкови за пристапност

Макрон, Шолц и Драги во посета на Киев, САД испраќаат дополнителни милијарда долари помош


Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги пристигнаа денес во Киев во знак на поддршка за Украина.

„Тоа е важен момент. Тоа е порака за единство што им ја испраќаме на Украинците“, рече Макрон.

Патувањето доаѓа во време кога Европската комисија размислува дали да и препорача на Украина да и се додели кандидатски статус за членство во ЕУ.

За време на престојот во Киев, Макрон, Шолц и Драги се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

САД во средата објавија дека испраќаат уште една милијарда долари воена помош за Украина, 12-та и најголема транша на Вашингтон досега од оружје и опрема наменета да се спротивстави на бавниот, но немилосрден напредок на Русија во источниот украински регион Донбас.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби им рече на новинарите во Белата куќа дека помошта вклучува опрема од 350 милиони долари директно од американската војска, вклучувајќи 18 моќни мобилни хаубици со долг дострел, 36.000 парчиња муниција и 18 тактички возила за влечење на хаубици заедно со дополнителна муниција и друга опрема.

Кирби рече дека преостанатите 650 милиони долари помош, вклучително и крајбрежни одбранбени системи, радија, уреди за ноќно гледање и друга опрема, ќе ги купи Пентагон од производители на оружје преку механизмот за финансирање познат како Иницијатива за безбедносна помош на Украина.

Кирби рече дека САД обезбедиле повеќе од 914 милиони долари хуманитарна помош за Украина од почетокот на инвазијата на 24-ти февруари, вклучително и дополнителни 225 милиони американски долари објавени во средата од претседателот Џо Бајден.

Некои материјали се од Ројтерс, Асошиетед прес и агенцијата Франс прес.

XS
SM
MD
LG