Платформа за градење на мостови, култура на пријателство, доверба, помирување на народите, зближување и надминување на стереотипите, вака министерот за надворешни работи Бујар Османи, ја оцени главната цел на Преспа форумот за дијалог кој втора година по ред се одржува во Охрид, а кој годинава се совпаѓа и со четиригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор. Со ова Северна Македонија се докажува како регионален лидер за надминување на отворените прашања и придонесува кон регионалната стабилност на што се темели оваа иницијатива, рече Османи.
„Секаде го истакнуваме нашиот автентичен модел на мултиетничка демократија, кој претставува добар пример на успешна трансформација на балканските општества во современи и стабилни системи. Овој модел создава долгорочна стабилност, услови за напредок и трансформација на општеството кон современите цивилизациски текови“, рече Османи.
Носечка тема на годишниот форум за дијалог е градењето на иднината на Западен Балкан во современа безбедносна европска архитектура.
„Темата е на линија на новиот безбедносен феномен кој од темел го разниша поредокот и кој обезбедуваше цврста безбедност и долгогодишна стабилност. Покрај важноста од адресирање на процесот на проширување, особено во контекст на актуелната геополитичка реалност, значајни теми за дискусија годинава ќе бидат градење отпор на безбедносна средина, зацврстување на стратешките партнерства и климатските промени“, рече Османи.
Во Охрид на форумот ќе присуствуваат претседатели, премиери, шефови на дипломатии како и претставници на тинк-тенк организации кои ќе разговараат за иднината на Западен Балкан. Главната тема на форумот ќе биде насловена како „Што после војната во Украина“?