И, додека македонските универзитети од година во година бележат опаѓање на бројот на студенти, се зголемува бројот на студенти кои се запишуваат на универзитетите низ Европа. Само оваа учебна година, 800 македонски студенти се запишале на Универзитетот во Љубљана.
Евгенија Бурназовска од Охрид е прва година на Факултетот за менаџмент во Копер, Словенија. Таа е само една од многуте македонски студенти кои последните години се одлучуваат своето високо образование да го продолжат на некој од словенечките универзитети.
„За студии во Словенија се одлучив првенствено поради образованието. Се одлучив за добивање на европска диплома, за гарантирана работа и секако за доста поголема плата во однос на Македонија“, рече таа.
Само оваа учебна година, 800 македонски студенти се запишале на Универзитетот во Љубљана. Но, се смета дека околу 1.500 студенти од земјава во моментот студираат на факултетите во Словенија, вели деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, Ратко Дуев.
„Ние направивме неколку истражувања со нашите студенти и клучно е проблемот дека студентите веруваат дека со стекнување на европска диплома, а Словенија ни е најблиску и културно, ќе можат полесно да заминат во развиените земји. Во Словенија првиот циклус е бесплатен, студентите полагаат приемни испити и доколку ги положат соодвените тестови на одреден факултет, тие се запишуваат како да се државјани на Словенија“, вели Дуев.
Министерот за образование, Јетон Шаќири, вели дека одлуката, каде ќе се запишат на студии е на самите студенти.
„Ние ќе треба тие што тие студираат надвор еден дел од тие да ги искористиме за да ги вратиме. Нивниот успех што е постигнат таму да го дадат со свој придонес во нашата земја. Јас имам редовна комуникација и за прашањето и проблемот за Словенија и во другите земји“, вели Шаќири.
„Ние веќе 30 години воопшто немаме политика за студентите. Сите развиени земји водат сметка за студентската популација. Начинот на стипеднирање, што е многу значаен за талентираните студенти, се уште е тоа кај нас на едно ниско ниво. Моментално во Европа владее еден тренд како што сами ги нарекуваат ловци на глави, барање на таленти, претежно од Балканот и Југоисточна Европа, гледaјќи да си ги решат сопствените проблеми“, вели Дуев.
Професорот препорачува дека треба да се работи на повеќе сегменти, за да се запре оваа миграција.
„Почнувајки од условите за живот, почнувајки од инвестиции во образованието, за тие млади луѓе да стекнат доверба дека и во нашата земја тие може да живеат нормално, како своите современици во развиените земји. Да се направи национална стратегија, која нема да зависи од политиката моментална“, додава тој.
А, Евгенија како и многу нејзини врсници иднината ја гледаат надвор од својата татковина.
„Иднината ја гледам во западните земји и не планирам да се вратам во Македонија“, изјави таа.