Висок функционер рече дека се очекува Белата куќа официјално да објави денес дека ќе го укине барањето патниците да поседуваат негативен тест за ковид-19 во рок од 24 часа по влегувањето во САД.
Службеникот - кој сакаше да остане анонимен пред официјалното соопштение - рече дека Центрите за контрола и превенција на болести на САД го одобриле потегот откако утврдиле дека повеќе не е неопходен „врз основа на науката и податоците“. Мерката ќе биде укината од недела на полноќ.
Од Центарот изјавија дека ќе ја преиспитаат својата одлука за 90 дена и ако официјалните лица решат дека треба да ја вратат, на пример, поради загрижувачка нова варијанта, тие ќе го сторат тоа.
Мерката е една од последните федерално одобрени ограничувања за ковид-19 што сè уште е во сила. Претставниците на индустријата за патување и транспорт со месеци вршеа притисок врз Белата куќа да ја укине мерката, велејќи дека таа го задушува меѓународниот туризам. Мерката е во сила од јануари 2021-ва година.
Асошиетед прес известува дека домашните патувања во САД ефективно се вратиле на нивоата пред пандемијата.
Многу други земји ги укинаа барањата за тестирање за целосно вакцинирани патници во обид да го зголемат туризмот.
Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес и Ројтерс.