Линкови за пристапност

Мексико, Гватемала, Хондурас ќе го бојкотираат самитот на државите од американскиот континент


Овогодинешниот Самит на државите од американскиот континент започнува оваа недела во Лос Анџелес, но лидерите на неколку клучни нации ќе го бојкотираат бидејќи САД не ги поканија лидерите на Куба, Никарагва и Венецуела. Заканите дека лидерите на Мексико, Гватемала, Хондурас и други нема да се појават, предизвикаа загриженост за американското раководство во нивниот регион.

САД денес објавија неколку иницијативи на владата и приватниот сектор кои треба да го зајакнат развојот и безбедноста во Централна Америка како дел од програмата дизајнирана да ги реши основните причини зошто луѓето мигрираат во САД.

Потпретседателката Камала Харис ја водеше иницијативата, која вклучуваше средба со деловни лидери доцна во понеделникот, пред објавувањето на новите проекти од 1,9 милијарди долари.

Соединетите држави не ги поканија Куба, Никарагва или Венецуела да учествуваат, а прес-секретарот на Белата куќа Карин Жан-Пјер во понеделникот им рече на новинарите: „Не веруваме дека треба да бидат поканети диктаторите“.

Поради немањето покана за лидерите на Куба, Никарагва и Венецуела, како одговор, мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор рече дека нема да присуствува и наместо тоа го испрати својот министер за надворешни работи. Претседателката на Хондурас, Ксиомара Кастро, исто така останува дома, откако рече дека ќе присуствува на самитот само „ако сите земји од Америка бидат поканети без исклучок“.

Претседателот на Гватемала Алехандро Џаматеи рече дека ќе се фокусира на работата во Гватемала наместо да учествува на самитот.

Мексико, Хондурас и Гватемала, заедно со Ел Салвадор, се клучните партнери на САД во напорите за справување со миграцијата. Висок претставник на американската администрација изјави за новинарите во понеделникот дека дури и ако нивните лидери не присуствуваат, тие земји „целосно ќе учествуваат на самитот“ и дека отсуствата не го поткопуваат пристапот на САД кон регионот.

Меѓу новите напори што Харис ги објави во вторникот, а кои следуваат по 1,2 милијарди долари за слични проекти објавени во декември, се потегот на компанијата за облека ГАП да набави дополнителни 50 милиони долари производи од Централна Америка и најавата на производителот на автомобилски компоненти Јазаки за 110 милиони долари за ангажирање 14.000 работници во регионот.

Компанијата за дигитални услуги Котл инвестира 35 милиони долари за проширување на брзиот интернет пристап во Ел Салвадор, додека Миликом започнува програма за проширување и одржување од 700 милиони долари за својата мрежа во Ел Салвадор, Хондурас и Гватемала.

„Земени заедно, овие инвестиции создаваат екосистем на можности и помагаат да се обезбеди надеж за луѓето во регионот да градат безбедни и просперитетни животи дома“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Соопштението од вторник вклучува и посебна програма на приватниот сектор за „зајакнување, обука и заштита на жените во Централна Америка“, соопшти Белата куќа.

Неговите компоненти вклучуваат поддршка за малите и средни претпријатија предводени од жени, зајакнување на учеството на жените во земјоделската индустрија, обука за работа и создавање на „дигитални центри за заедницата“ за да се обезбеди пристап до интернет, дигитални вештини, образование и менторство.

Покрај тие приватни напори, Американската агенција за меѓународен развој започнува програма насочена кон спречување на сексуално, родово засновано и семејно насилство, со компоненти кои обезбедуваат услуги за жртвите и ги повикуваат сторителите на одговорност.

УСАИД, исто така, дава 50 милиони американски долари за, како што го нарече Белата куќа, Централноамерикански сервисен корпус за да им плати на младите во Ел Салвадор, Гватемала и Хондурас за работа во заедницата и да им обезбеди можности за менторство и пат до работа.

„Со поддршка на животните и работните вештини, нудејќи надеж и градење доверба и чувство на припадност за младите, иницијативата CASC ќе генерира лидерски потенцијал и ќе помогне да се поттикне оптимизмот кај младите во Централна Америка дека подобра иднина е можна за нив и за нивните заедници“, соопшти Белата куќа.

XS
SM
MD
LG