Линкови за пристапност

Бајден најави борба против инфлацијата


Американскиот претседател Џо Бајден во петокот го искористи извештајот за работни места да ги промовира своите напори за зајакнување на економијата и борбата против инфлацијата со намалување на цената на стоките и федералниот дефицит.

Последниот извештај за работните места на американскиот Оддел за труд за минатиот месец покажа дека американската економија додала 390.000 работни места со стапка на невработеност од 3,6 отсто, што е речиси историски минимум.

Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, претседателот рече дека бројките од мај го носат вкупниот број нови работни места додадени во економијата на САД на 8,7 милиони откако тој ја презеде функцијата. Тој рече дека овие бројки го одразуваат значителното економско закрепнување од рецесијата предизвикана од пандемијата пред две години, за која рече дека е „најголемата во модерната историја“.

Бајден рече дека бројот на работни места и другите фактори одразуваат економска основа која е историски силна, дозволувајќи им на САД да се борат против инфлацијата од позиција на сила. Тој воведе два дополнителни елементи за борба против инфлацијата: намалување на трошоците за „секојдневната стока“ и намалување на дефицитот.

Претседателот рече дека повисоките трошоци за двете примарни стоки кај американските потрошувачи – бензинот и храната – се директно поврзани со „војната на Русија во Украина“.

„Украина има 20 милиони тони жито во складишата во моментов, и тоа од последната жетва“, рече Бајден. „Нормално, тоа веќе би било извезено на светскиот пазар. Но, поради инвазијата на Русија и блокадата на пристаништето во кое тие би можеле да го однесат тоа жито за остатокот од светот, тоа не е“.

Бајден рече дека понудил предлози за намалување на инфлацијата што е во застој во Конгресот, како што е предлогот за инвестирање во чиста енергија што ќе ги намали трошоците за енергија, како и планови за намалување на трошоците за лекови на рецепт, кирија и хипотеки и брз интернет.

Претседателот рече дека намалувањето на федералниот дефицит е уште еден ефикасен начин за намалување на инфлацијата. Според Канцеларијата за буџет на Конгресот, тој рече дека САД се на пат да го намалат федералниот дефицит за 1,7 трилиони долари оваа година.

Бајден беше прашан и за неодамнешната објава на извршниот директор на Тесла, Илон Маск, во која се вели дека има „ многу лошо“ чувство за американската економија и дека планира да укине 10 отсто од работните места во неговата компанија за електрични возила.

Претседателот одговори истакнувајќи дека компанијата Форд Мотор додава шест илјади нови работни места, како и другите американски производители на автомобили, а производителот на компјутерски чипови Интел додава 20.000 нови работни места. Тој му порача на Маск: „Ти посакувам среќа на патувањето до Месечината“.

Претседателот, исто така, не ги коментираше извештаите дека планира да отпатува во Саудиска Арабија подоцна овој месец, иако рече дека постои можност да се сретне со регионалните лидери на Блискиот Исток во кои би можеле да бидат вклучени и претставници од Саудиска Арабија.

Некои информации за овој извештај обезбеди Асошиетед прес.

XS
SM
MD
LG