Барањата на ССМ се линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и враќање на регресот за годишен одмор односно К-15. Доколку не падне договор со Владата јавниот сервис стапува во штрајк што дополнително ќе го отежни животот на граѓаните
СКОПЈЕ – Помалку од дваесет дена има Владата да ги прифати барањата на Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) бидејќи во спротивно ќе се соочи со уште еден генерален штрајк овој пат во јавниот сервис.
„ Апелирам да не сфатат сериозно, не се работи за голема сума на пари, работникот мора да се вреднува. Јавниот сектор е сервис на граѓаните и без јавниот сектор ништо не може да функционира“ рече Дарко Димовски, претседател на ССМ, најавувајќи го почетокот на штрајкот на 22 јуни.
Откако вчера пропадна рудната преговор меѓу Владата и ССМ, денеска заседаваше претседателството на Синдикатите кое одлучи дека ќе прибегне кон последната можност – генерален штрајк.
Барањата на ССМ се веќе познати – линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и враќање на регресот за годишен одмор односно К-15
„Денеска претседателството на ССМ одлучи да го повика членството на генерален штрајк во јавниот сектор доколку не се исполнат нашите барања, односно потпишување на колективен договор каде што ќе се утврди линеарно зголемување од 2.806 денари за сите вработени и враќање на регресот во избнос од 30 до 100 отсто од просечната плата во државата. Доколку ова не се случи до 21 јуни на 22 јуни сите членови ќе ги прекинат работните процеси на работните места и ќе почнеме со генерален штрајк“, објасни Димовски.
Од ССМ ја повикаа Владата да ги прифати нивните барања како што го прифати и барањето за покачување на минималната плата на 18 илјади денари која ја отврои вратата за усогласување на останатите плати во јавниот сектор.
„Ние сме оптимисти дека ќе ги исполнат нашите барања. Ова го бараме од први мај и тогаш не убедуваа дека ова може да се исполни само со ребаланс на Буџетот и со утврдување на овие парични средства во Законот за извршување на Буџет. Ова што ние го бараме денес е нивно барање до нас. Да ги почекаме бидејќи сево ова може да се случи на први јули. Денеска јавно ги повикуваме и прифаќаме покачување на платите од први јули. Износот е солидарен, не е голем и е износ за да се амортизираат ценовниот шок и двоцифрената инфлација“, рече Димовски.
Доколку Владата не се договори со ССМ, на 22 јули со генерален штрајк почнуваат сите членови на ССМ во војската, полицијата, образованието, здравството, комуналните претпријатија, општините, управата и администрацијата.
А откако Владата не ги продолжи антикризните мерки, цените на основните продукти веднаш се покачија.
Владата тврди дека некои компании ги манипулираат граѓаните, се однесуваат неетички и вештачки ги зголемуваат цените и ќе бара од инспекциските служби да ги санкционираат но нејасно е како и по кој основ бидејќи во моментов нема ниту една активна мерка која ги ограничува маржите на трговците.
„ Со особено внимание следиме што се случува овие три дена на слободниот пазар и однесувањето некоректно, неетичко и неморално на одредени компании, особено кон зголемувањето на цените, набрзо ќе наиде на одговор од институциите. Не можеме да прифатиме цената да порасне за 24 часа за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне за 20 отсто за 24 часа. Сметам дека тоа е само една одредена манипулација која ја прават кон нашите граѓани и затоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби и наскоро очекувам извештај од инспекциските служби со мерки за тие што го имаат тоа направено“, рече Битиќи.
Ако се споредат цените на основните продукти во Македонија со Босна и Херцеговина и Србија може да се забележи дека имаме речиси најскапо масло за јадење и најефтино гориво.
Но мора да се напомене дека според статистичките податоци, просечната плата во месец март во Босна и Херцеговина е 558 евра а во Србија 636 додека во Македонија е 505 евра, што значи дека граѓаните во старт се посиромашни за 50 односно 130 евра споредено со двете држави.