Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за Талат Џафери


Апелираме до пратениците од СДСМ и мнозинството дека сега е моментот да застанат во одбрана на човековите права и Собранието, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Апелираме до пратениците од СДСМ и мнозинството дека сега е моментот да застанат во одбрана на човековите права и Собранието, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Опозицијата ја ефектуираше својата закана – поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието. Објаснувањето зошто ВМРО-ДПМНЕ бара политичка одговорност за Талат Џафери е поради, како што велат, „хаосот што се случува во Парламентот, се` почестото кршење на деловникот и загрозувањето на угледот на институцијата“.

Изненадувачки, ВМРО-ДПМНЕ не само што бара поддршка од останатите опозициски партии, туку и од СДСМ.

„Ги повикуваме сите пратеници од овој парламентарен состав да се приклучат кон оваа интерпелација и заедно сите да ставиме крај на овој човек кој што си ја има присвоено оваа функција и се однесува како да има право да вреѓа, да пцуе, да омаловажува и да заклучува пратеници. Апелираме до пратениците од СДСМ и мнозинството дека сега е моментот, кога треба да се стават настрана партиските договори и да застанат во одбрана на, пред се` човековите права, а потоа и во одбрана на Собранието на Република Македонија. Во спротивно, доколку не ја поддржат оваа интерпелација ќе покажат дека, не само што го оправдуваат ваквото однесување на Џафери туку и дека се дел од него“, вели Никола Мицески од ВМРО-ДПМНЕ.

Ставот на СДСМ е дека нема да ја поддржи иницијативата. Објаснувањето е дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ намерно прават скандали за да се предизвика инцидент.

И либералдемократите не се согласуваат со барањето на опозицијата. Ова го сметаат за „вообичаен политички циркус на ВМРО-ДПМНЕ кој треба да дефокусира од реалните проблеми“.

Поддршка од опозицискиот блок дојде од Беса и од Левица кои сметаат дека Џафери веќе нема кредибилитет да го води законодавниот дом.

Џафери има рок од 15 дена од поднесувањето на интерпелацијата да прати писмен одговор, по што точката треба да биде ставена на дневен ред на наредната собраниска седница по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот.

Собранискиот спикер во последните недели е под континуиран притисок од опозицијата – прво, по протекување на аудиоснимка на која се слуша како тој со несоодветен речник им се обраќа на собраниските служби, и неодамнешната случка кога нареди да се заклучат вратите од собраниската сала за, како што објасни, да се избројат пратениците присутни на седницата, чин кој опозицијата го карактеризираше како удар врз демократијата.

ВМРО-ДПМНЕ со интерпелација за Џафери
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

XS
SM
MD
LG