Линкови за пристапност

Младите сè помалку читаат книги


„Младите можеби се помалку читаат. Се повеќе е свртено кон социјалните медиуми, затоа секогаш гледаме да пласираме некои наслови кои што се барани и наградувани писатели, за да можеме некако да го зголемиме интересот кај публиката и особено кај младите за книгите“, рече Марија Танасовска од издавачката куќа Антолог.

Наспроти новото и дигитално време, книжарницата на тркала на издавачката куќа Антолог, само оваа година посетила единаесет градови во државата. Идејата е велат, да ги доближат книгите што поблиску до читателите, особено во оние места, каде има помалку книжарници, а со тоа и помалку достапност на книги.

„И, покрај тоа што имаме онлајн веб страна и можат да се нарачуваат книги, луѓето сепак сакаат да ги видат книгите, да ги допрат, да прочитаат, да поразговараат со некого, некој нешто да им препорача од нашиот тим. Заради тоа е и целиот овој проект за книжарница на тркала“, додава таа.

Дека луѓето се уште сакаат да читаат вистински книги, говори и податокот дека најстариот активен читател зачленет во градската библиотека во Охрид има 90 години.

„Велат дека луѓето читаат во авион додека патуваат, на својот лап топ или на својот мобилен апарат, но има и луѓе кои и ден денес сакаат да прочитаат книга под чадор за сонце или на плажа, да ја имаат книгата, да и го почувствуваат мирисот и да кажат едноставно со бележникот стигнав до стотата страна“, вели Милчо Јованоски, директор на градската библиотека во Охрид.

Но, дигитализацијата на библиотечниот фонд е неминовен процес. Тоа треба, вели Јованоски, внимателно да се направи, бидејќи и најголемите библиотеки прават селекција и почнуваат да ги дигитализираат своите трезори.

„Сметам дека е вистинско време да се зачува она што е наше национално богатство и е во електронкса форма, да го имаме како трезор. Но, треба да се трудиме и оние книги кои се стари, на пример во нашата библиотека, кои датираат од 1800-тата година, мора да се зачуваат затоа што без минатото нема иднина“.

Сепак смета дека е потребна поголема популаризација на книгата помеѓу младите генерации.

„Затоа што сме сведоци дека младите се помалку читаат или читаат она што им е неопходно како литература за училиште, а не белетристика и друга научна литература. Tие се предадени на тие дигитални алатки и од таму го гледаат светот од тој агол. Ќе мораме нешто систематски да промениме во таа работа. Да бидеме присутни меѓу младите генерации, преку работилници, предавањата и слично“, додава тој.

Во охридската библиотека има членови кои годишно читаат и по 150 книги. Нејзиниот фонд кој се обновува секоја година е околу 150.000 наслови на книги.

XS
SM
MD
LG