Линкови за пристапност

Убиените биле од ист клас, реакции по вооружениот напад во Тексас


Вооружен напаѓач уби најмалку 19 деца и двајца возрасни во вторникот во напад во основно училиште во југозападната американска држава Тексас, едно од најсмртоносните масовни престрелки во училиште во историјата на САД.

Нападот се случи во градот Увалде, каде властите соопштија дека 18-годишниот вооружен напаѓач прво ја застрелал својата баба, а потоа удрил во автомобил и влегол во училиштето, и ги пукал во учениците пред да биде убиен од органите на редот.

Наредникот од Одделот за јавна безбедност на Тексас, Ерик Естрада, изјави за Си-Ен-Ен дека полицајците го виделе вооружениот напаѓач, кој носел панцир, како го напушта автомобилот носејќи пушка, но пред да дојдат до него, тој сепак влегол во училиштето.

Како што јавува Си-Ен-Ен, убиените 19 ученици и двајца наставници биле од ист клас и во иста просторија.

Лидија Мартинез Делгадо напиша на Фејсбук дека нејзината внука Ева Мирелес била наставничка во училиштето и дека била убиена.

„Бесна сум што овие пукотници продолжуваат“, рече Мартинез Делгадо во изјавата. „Овие деца се невини. Оружјето не треба да биде лесно достапно за сите. Ова е мојот роден град, мала заедница со помалку од 20.000 жители. Никогаш не замислував дека ова ќе им се случи на најблиските“, рече таа.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во изјава рече: „длабоко сум шокиран и тажен од грозоморното масовно убиство во основно училиште во Увалде, Тексас. Посебно е трогателно што повеќето од жртвите се деца“.

Американскиот претседател Џо Бајден се обрати пред нацијата доцна во вторникот, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите, прашувајќи зошто масовните пукања се толку вообичаени во САД и ги повика пратениците да ги поддржат, како што рече, „законите за здрав разум за оружје“.

„Ми се смачи и уморен сум“, рече тој. „Мораме да дејствуваме“, рече Бајден.

Бајден рече дека дознал за пукотниците додека се враќал од патување во Азија.

„Она што ме зачудува е дека вакви масовни пукања ретко се случуваат на друго место во светот“, рече Бајден. „Зошто? И тие имаат проблеми со менталното здравје. Имаат домашни спорови и недоразбирања во други земји. Имаат луѓе кои се изгубени. Но, ваквите масовни пукања никогаш не се случуваат со фреквенција каква што се случуваат во Америка. Зошто? Зошто живееме со вакви масакри? Зошто дозволуваме ова да се случува?“, рече Бајден.

Папата Францис денес рече дека му е „скршено срцето“ по пукањето во училиште во Тексас во кое загинаа најмалку 19 деца и двајца наставници, повикувајќи уште еднаш на поголема контрола на оружјето во САД.

Нападот во вторникот беше најсмртоносното пукање во училиште во Тексас и најсмртоносното пукање во основно училиште од нападот во основното училиште Сенди Хук во Њутаун, Конектикат во 2012-та година, во кој загинаа 26 лица, од кои 20 беа ученици.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, го идентификуваше напаѓачот како Салвадор Рамос.

„Тексанците ширум државата тагуваат за жртвите на ова бесмислено злосторство и за заедницата Увалде“, рече Абот во изјавата.

Абот рече дека тој и неговата сопруга Сесилија „тагуваат за оваа ужасна загуба и ги повикуваме сите Тексашани да се соберат за да ја покажеме нашата непоколеблива поддршка на сите што страдаат“.

Американскиот сенатор Тед Круз од Тексас ги повтори сличните чувства. „Денес е мрачен ден. Сите сме целосно болни и со скршено срце“, рече тој во изјавата. „Видовме премногу од овие престрелки. Ниту еден родител не треба да ја поднесува болката од погребувањето на своето дете. Треба да се здружиме, како една нација, и да го поддржиме Увалде додека се обидуваат да заздрават од оваа катастрофална загуба“.

И Абот и Круз беа меѓу групата републикански личности кои требаше да се појават во петок во Хјустон на годишната конвенција на Националната асоцијација за оружје, групата за права на оружјето која се спротивстави на мерките за контрола на оружјето.

Тексас беше мета на неколку масовни престрелки во последните пет години. Една година пред пукањето во училиштето во Санта Фе во 2018-та година, вооружен маж во црква во Тексас уби повеќе од дваесет луѓе за време на неделна служба во малиот град Сатерленд Спрингс. Во 2019-тата година, друг вооружен маж во Волмарт во Ел Пасо уби 23 лица во расистички напад.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG