Линкови за пристапност

10 најбогати луѓе во светот поседуваат повеќе од 40 отсто од приходот на сиромашните, или 3,1 милијарди луѓе


Светските милијардери го зголемија своето богатство за трилиони долари од почетокот на пандемијатa, додека најсиромашните луѓе во светот се борат со зголемените цени и долгови, според анализата на добротворната организација Оксфам.

Анализата на добротворната организација Оксфам покажува дека богатството на 2.668 милијардери во светот се зголемило за 3,78 трилиони долари од 2020-та година.

Авторите на извештајот пресметале дека 573 луѓе станале нови милијардери за време на пандемијата, по еден на секои 30 часа. Спротивно на тоа, Оксфам вели дека уште 263 милиони луѓе ќе паднат во екстремна сиромаштија во 2022-ра година, со стапка од милион луѓе на секои 33 часа.

„Тоа е невиден момент во историјата“, изјави за Гласот на Америка Макс Лосон, шеф за политика за нееднаквост во Оксфам. „Ја видовме оваа експлозија во богатството на милијардерите за време на пандемијата и покрај зголемувањето на цените на храната и енергијата. По ова, следуваше овој историски пораст на сиромаштијата ширум светот, што исто така не сме го виделе со децении“.

Тој додаде дека супербогатите станале побогати благодарение најмногу на парите на даночните обврзници.

„Поради трилиони долари што богатите земји ги вложија во економијата како одговор на ковид-19, тоа беше првото нешто, а тоа доведе и до зголемување на цените. Сега го гледаме ова навистина нагло зголемување на богатството на милијардерите посебно во индустријата на храна и енергија, бидејќи гледате дека профитот во тие сектори расте поради порастот на цените“, изјави Лосон за Гласот на Америка.

Според Оксфам, 10-те најбогати луѓе во светот сега поседуваат повеќе од 40 отсто од богатството од најсиромашните, или 3,1 милијарди луѓе. Во извештајот се вели дека 20-те најбогати милијардери вредат повеќе од целиот БДП на субсахарска Африка.

Како што богатите станаа побогати, изминатите две години го ставија на ризик и деценискиот напредок против сиромаштијата, рече Лосон.

„Криза на нееднаквост. Криза на глад предизвикана од климатските промени ширум светот. Згора на тоа, се зголемува цената на храната и проблемите со ковид-19“.

Во меѓувреме, Светската програма за храна предупредува дека 49 милиони луѓе се во непосредна опасност од глад во 43 земји.

„Нашите потреби во моментов се дополнителни 68 милијарди долари што ни се потребни. Бараме само зголемување на нето вредноста на (милијардерите) за еден до два дена. Дали е тоа премногу за да се бара да се стабилизира светот против глад, дестабилизација и масовни миграции?“, изјави за Асошиетед прес Дејвид Бисли, извршен директор на Светската програма за храна,.

Од таму велат дека Украина испорачува доволно жито за да нахрани 400 милиони луѓе, но нејзините пристаништа се блокирани од Русија.

„Ако не ги отвориме тие пристаништа, проблемите со цените на храната ќе бидат актуелни и во следните 10 до 12 месеци“, предупреди Бисли. „Но, следната година, ќе има проблеми и со достапноста на храната“.

Оксфам вели дека владите имаат моќ да се справат со растечката нееднаквост преку поправедни даноци.

„Ова е производ првенствено на владините интервенции. Огромни суми пари се одлеаја во стопанството. Ова се наши пари. Тоа го поттикна богатството на овие компании. Треба да има еднократни даноци за солидарност, даноци на богатство - и да го вратиме светот во рамнотежа“, рече Лосон.

Некои европски земји, вклучително Португалија и Италија, воведоа даноци за енергетските фирми. Други, вклучително и Британија, тврдат дека таквите даноци ќе ги одвратат инвестициите во критично време додека западните земји се обидуваат да се откажат од рускиот увоз на енергија.

XS
SM
MD
LG