Една недела рок за исполнување на нивните барања оставија професионалните војници кои денеска одржаа предупредувачки протест пред Владата. Намерата да постават шатори пред владината зграда ја одложија за седум дена.
Тие бараат да им се овозможи после професионалната служба во Армијата, полесно да се префрлат во други соодветни институции. Сметаат дека нивна најсоодветна позиција после армиското пензионирање е граничната полицијата.
Последно што сакаме е како армија да бидеме во шатори пред владата. Затоа решивме да дадеме можност од една недела да се изнајде решение. Доколку во текот на оваа недела нема решение за тие припадници да бидат распоредени во друга институција, на 29ти ќе дојдеме тука и ќе поставиме шатори“, рече Аднан Алити, претседател на Независниот синдикат на професионалните војници на Македонија.
За најавените измени во Законот за служење во армијата, Алити истакна дека во голема мера ги задоволуваат нивните барања. Но, додаде дека се соочуваат со исполнетост на капацитетите на службите во кои би можеле да се ангажираат пензионираните професионални војници.
Од министерството за одбрана истакнаа дека министерката Славјанка Петровска нивните барања ќе ги постави на владина седница.
„Министерката Петровска презеде обврска да разговара со колегите на владината седница во среда, со цел да се надминат предизвиците околу трансферот на професионалните војници во другите институции. Дијалогот продолжува и понатаму со сите синдикати од областа на одбраната“.
Од министерството воедно вчера ја известија јавноста дека се одржала средба со сите синдикати на одбраната, меѓу кои и Независниот синдикат. Притоа биле договорени измени во Законот за војување,меѓу кои и право на остварување пензија со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жените без оглед на возраста.
За отпремнината, пак, како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1000 евра.
Законот за служба во Армијата е повлечен од собраниска процедура и, како што најавија од министерството, во текот на следната недела ќе биде доставен до Владата.
Facebook Forum