Линкови за пристапност

Украина изрази надеж дека заробените војници можат да бидат дел од размената на затвореници со Русија


Сенатот на САД го одобри новиот пакет помош од 40 милијарди долари за Украина. Претставничкиот дом минатата недела гласаше за пакетот.

Се очекува американскиот претседател Џо Бајден веднаш да ја потпише мерката.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање во четвртокот рече дека усвојувањето на пакетот помош во Сенатот е „манифестација на силно лидерство и неопходен придонес за нашата заедничка одбрана на слободата“.

Aмериканскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека администрацијата одобри уште 100 милиони долари воена помош за Украина. Пакетот помош вклучува уште 18 хаубици и 18 возила за нивно пренесување и уште три противартилериски радари, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.

Руското Министерство за одбрана во четвртокот соопшти дека уште стотици украински војници се предале во опколената фабрика за челик Азовстал во Мариупол, со што вкупниот број оваа недела достигна 1.730.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст во четвртокот објави дека ги регистрира борците кои го напуштиле Азовстал, операција која започна во вторникот.

„Процесот на регистрација што го олесни комитетот вклучува пополнување на формулар со лични податоци како име, датум на раѓање и најблизок роднина. Оваа информација му овозможува на комитетот да ги следи оние кои се заробени и да им помогне да останат во контакт со нивните семејства“, се вели во извештајот.

Украинските власти не ја потврдија руската објава за бројот на украинските борци кои се предале на последното задржување во Мариупол. Украина изрази надеж дека војниците можат да бидат дел од размената на затвореници со Русија, додека главното истражно тело на Русија соопшти дека има намера да ги испрашува и да утврди дали некој бил вмешан во злосторства против цивили.

Заземањето на Мариупол на Азовското Море, ќе биде најголемиот успех на Москва во нејзината речиси тримесечна офанзива против Украина.

Додека руските сили ги фокусираат напорите на источниот регион Донбас, Михаило Подољак, советник на претседателот Володимир Зеленскиј, кој беше вклучен во неколку рунди разговори со Русија, во четвртокот рече дека да се согласи за прекин на огнот со Русија „е невозможно без целосно повлекување на руските трупи“.

Висок претставник на американското Министерство за одбрана изјави во четвртокот дека немало големи придобивки ниту од Русија, ниту од Украина во претходниот ден, иако украинските сили „продолжуваат да ја враќаат територијата“ северно и североисточно од Харков, вториот по големина град во Украина.

Некои информации се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG