Линкови за пристапност

САД предупредија на можни провокации од Северна Кореја кога Бајден ќе биде во Азија


Бајден, кој денес заминува на прво патување во Азија како претседател, може да биде пречекан со голем севернокорејски тест на оружје, според официјалните претставници на САД и Јужна Кореја
Бајден, кој денес заминува на прво патување во Азија како претседател, може да биде пречекан со голем севернокорејски тест на оружје, според официјалните претставници на САД и Јужна Кореја

Иако надворешната политика на САД во првиот дел откако Џо Бајден стана претседател се фокусираше на прашања како Кина и руската инвазија на Украина, Бајден оваа недела ќе се соочи со уште едно проблематично прашање од надворешната политика - нуклеарно вооружената Северна Кореја.

Бајден, кој денес заминува на прво патување во Азија како претседател, може да биде пречекан со голем севернокорејски тест на оружје, според официјалните претставници на САД и Јужна Кореја.

Американското разузнавање смета дека постои „вистинска можност“ Северна Кореја да изврши лансирање на ракета со долг дострел или да спроведе нуклеарен тест, или можеби и двете, во деновите околу или за време на патувањето на Бајден во Азија, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан.

„Се подготвуваме за сите непредвидливи ситуации, вклучително и за можноста таква провокација да се случи додека сме во Кореја или во Јапонија“, рече Саливан на вчерашниот брифинг.

Голем дел од петдневното патување на Бајден се очекува да биде со фокус на Кина, при кое тој ќе се обиде да ги увери сојузниците кои се сомневаат во долгорочната посветеност на САД во регионот.

За време на патувањето, Бајден се очекува да ја лансира Индопацифичката економска рамка, долгоочекувана економска иницијатива која треба да ја зголеми вклученоста на САД во Азија.

Во Токио, Бајден ќе одржи состанок на групата на четири држави, која ја сочинуваат САД, Јапонија, Индија и Австралија, демократии кои имаат силен интерес да го запрат подемот на Кина.

Во Сеул, пак, Бајден ќе се сретне со новиот претседател на Јужна Кореја, кој вети дека ќе заземе поцврст став кон Кина и кој сака да ја прошири соработката со Вашингтон за други глобални прашања.

Сепак, јужнокорејските власти со денови предупредуваат дека голем севернокорејски тест може да ја наруши агендата на Бајден.

Јужнокорејските и американските официјални лица излегоа со „план Б“, кој може да вклучува промена на постоечкиот распоред на Бајден во случај на севернокорејски провокација.

Северна Кореја често изведуваше големи лансирања за време или околу посетите на регионот од страна на американските претседатели.

Некои аналитичари велат дека ваквите потези можеби имаат за цел да го привлечат американското дипломатско внимание или да го зголемат влијанието на Северна Кореја во потенцијалните нуклеарни преговори.

XS
SM
MD
LG