Линкови за пристапност

Руски војник се изјасни за виновен за убиство на украински цивил


21-годишен руски војник денеска се изјасни за виновен за убиство на невооружен украински цивил и тоа е првиот случај за воени злосторства што Киев го покрена по руската инвазија пред три месеци.

Наредникот Вадим Шишимарин може да биде осуден на доживотен затвор затоа што пукал во глава на 62-годишен Украинец низ отворен прозорец на автомобилот четири дена откако Русија ја започна инвазијата кон крајот на февруари.

Украинската јавна обвинителка Ирина Венедиктова претходно изјави дека нејзината канцеларија подготвува случаи за воени злосторства против 41 руски војник за прекршоци кои вклучуваат бомбардирање цивилна инфраструктура, убивање цивили, силување и грабежи. Не е јасно колку од нив се во притвор во Украина или на колкумина може да им се суди во отсуство.

Во случајот на Шишимарин сослушан пред судот во Киев, Венедиктова тврдеше дека тој бил меѓу групата руски војници кои побегнале од украинските сили на 28-ми февруари, возејќи кон Чупахивка, село на околу 320 километри источно од главниот град Киев.

Генералниот обвинител рече дека руски војници виделе човек како го вози својот велосипед и разговара на неговиот телефон. На Шишимарин, според Венедиктова, му било наредено да го убие човекот за да не може да ги пријави кај украинските воени власти, но не кажа кој ја дал наредбата.

Шишимарин пукал со пушката калашников низ отворениот прозорец и ја погодил жртвата во глава, напиша Венедиктова на профилот на Фејсбук.

„Човекот починал на самото место на само неколку десетици метри од неговата куќа“, рече таа.

Во кратката видео-изјава за инцидентот направена од Украинската служба за безбедност, Шишимарин рече: „Ми беше наредено да пукам. Пукав во него. Тој падна и ние продолживме понатаму“.

Канцеларијата на Венедиктова соопшти дека истражува повеќе од 10.700 потенцијални воени злосторства во кои се вклучени повеќе од 600 осомничени, вклучително руски војници и владини претставници. Меѓународните власти, исто така, истражуваат можни руски воени злосторства, додека се верува дека Москва работи на случаи на злосторства против украинските војници.

Русија негираше дека нејзината цел биле цивили и ја обвини Украина за организирање злосторства. Украина соопшти дека илјадници нејзини цивили се убиени.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес.

XS
SM
MD
LG