Охрид почнува да личи на вистинска туристичка дестинација. Најбројните холандски туристи, повторно се враќаат во градот на УНЕСКО. Првата група со 155 холанѓани пристигна со чартер авион од Амстердам. Некои од нив едвај чекале да дојдат во Охрид.
„Одлучивме ова лето да не одиме во Шпанија, ниту пак во Грција на море. Го избравме Охрид како дестинација. Од она што го видовме претходно ни се допаѓа земјата, природата...“, рече туристка од Холандија.
„Во Охрид сум по втор пат. Се враќам повторно затоа што ми се допаѓаат најмногу луѓето кои се пријателски расположени. Ќе останеме десет дена“, изјави туристка од Холандија.
Сите се надеваат дека Охрид ќе има успешна туристичка сезона. Очекувањата се дека градот ќе го посетат за околу 50 отсто повеќе странски туристи од минатата година.
„Во месеците мај и јуни ќе имаме два лета неделно. А, во високата сезона во јули, август и дел од септември ќе имаме по четири летови неделно. По прв пат во нашиот град ќе имаме гости и од Велика Британија кои се најавени да почнат да доаѓаат од 16-ти јуни два пати неделно. Од ТУИ Холандија очекуваме некаде околу 7.000 гости, околу 55-60 чартер авиони“, рече тур операторот Асим Челик.
По две години пауза поради пандемијата, Охрид, за кој туризмот е од витално значење, почнува полесно да дише. Во прилог одат и најавите за доаѓање на организирани групи од Полска, Турција, Израел и кружни тури со туристи од некои азиски држави.