Линкови за пристапност

Експерти: Бугарија е под притисок од САД да ја тргне блокадата за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ


САД ќе вршат притисок врз Бугарија да го тргне ветото за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ, но прашање е дали тоа ќе може да се случи до јунскиот самит на ЕУ поради краткиот период, смета Емил Кирјас дипломат и поранешен генерален секретар во МНР.

„Неблагодарно е да се каже дали за месец, два или недела дена ќе може да дојде до решавање на ова прашање, бидејќи за жал овој спор кој трае децении со интерпретацијата на историјата од двете страни на границата е дел од внатрешно политичката дебата во Бугарија, и од тоа зависат и односите во самата бугарска влада“, вели тој.

Кирјас смета дека час поскоро овој спор ќе мора да се реши, бидејќи намалувањето на тензиите е од главно стратешко значење и за целото јужно крило на НАТО.

„И, од таму логично е притисокот и интересот на САД за затворање на ова прашање што е можно побрзо. За жал, Македонија е жртва на внатрешно политичките процeси во Бугарија веќе две години, од ставањето на самот вето, преку трите изборни циклуси минатата година и се до оваа разноликост помеѓу различните владини партии“, додава тој.

Универзитетскиот професор Јове Кекеноски, смета дека се водат тајни преговори за надминување на овој спор. Очекува дека САД ќе извршат притисок врз Софија да го тргне ветото.

„Не знам зошто не би можеле. Не знам зошто таа нивна тврдоглавост не би се соочила со фактите и аргументите. Единствен кој е принципилен досега во тие односи се САД. Тоа беше јавно најавено од многу извори на информации дека САД водат такви преговори и мислам дека тие ќе бидат најзаслужни ако отпочнат преговорите. Сигурно во таа смисла ќе водат сметка за нашето достоинство, нашиот дигнитет“, вели Кекеноски.

Кекеноски вели дека во прилог на сето ова оди и најавениот стратешки дијалог со САД, кој треба да се случи на 2-ри јуни во Вашингтон. Со ова, Северна Македонја ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе одржи ваков дијалог.

„Ова е силен ветер во грб за нас во пресрет на преговорите, односно на тргањето на ветото на Бугарија за отпочнување на нашите преговори. Не е случајно што сега на 2-ри јуни ќе отпочне т.н дијалог за стратешко партнерство со САД“, додава Кекеноски.

Инаку, неодамна портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс за државната агенција МИА изјави дека на билатерална основа, САД разговораат со Бугарија и Северна Македонија, со цел што побрзо решавање на билатералниот спор и отпочнување на преговорите на Скопје и Тирана со ЕУ.

XS
SM
MD
LG