Линкови за пристапност

Немаме канцеларии, камери и телефони, се жалат дописниците надвор од Скопје


Во какви услови работат новинарите во внатрешноста на државата?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:37 0:00

Како проблем, со кој се соочуваат во секојдневното работење, тие ја посочуваат и недоволната транспарентност на некои институции на локално ниво, кои се уште немаат одделенија за односи со јавност

Сузана Мицева, новинарка од Струмица, секој ден во 9 часот наутро е на нејзиното работно место. Но, до кога, зависи од работните обврски, кои некогаш знаат да завршат и во вечерните часови.

Тоа е така секој ден и покрај тоа што вели дека предизвиците и проблемите со кои се соочуваат репортерите во внатрешноста на државата се големи.

„Голем дел од нив работат со сопствена опрема, сопствени камери, сопствено возило, кое го користат за патување низ планските региони што ги покриваат. Користат свои телефони, сами ги плаќаат сметките за нив и ред други работи кои им се предизвик да ги организираат за да ја завршат работата за која колегите во Скопје не трошат свои ресурси“, вели Мицева.

Зоран Димовски, новинар од Тетово вели дека голем дел од дописниците, конкретно од Полошкиот регион, немаат основни услови за работа.

„Тие немаат канцеларија, па мораат да работат во домашни услови. Немаат службено возило, па често не можеме да стигнеме до некое место, каде мора да проследиме некој настан“, вели Димовски.

Емилија Мисирлиевски, долгогодишен новинар од Битола, вели дека многу погласно треба да се зборува и за притисоците и заканите, со кои особено се соочуваат новинарите во помалите средини.

„Затоа што секој со секого се знае, па потешко е да се одржува таа професионална дистанца и некако природно доаѓа на носителите на јавни функции на бизнисмени, да ги притискаат новинарите за разлика од големите редакции, каде сметам дека притисоците прво доаѓаат до уредниците и сопствениците“, вели Мисирлиевски, и додаде дека такви примери има многу, без разлика кој е на власт.

„Последните десетина дена се соочив со две такви ситуации. Едната беше барање да повлечам веќе објавен текст, поради грешка на институцијата, а второто барање беше да повлечам необјавена изјава, исто така со образложенија кои не држат место“, вели таа.

Сепак, најголем проблем за новинарите, особно за дописниците, е социоекономската состојба во која се наоѓаат голем дел од нив.

„Нашите сознанија се дека речиси и да нема вработен дописник од внатрешноста, сите работат со договори на дело, за хонорари, кои не ја достигнуваат ниту минималната плата во државата. А таа е драстично помала за снимателите, кои се ангажирани во тие дописнички тимови“, вели Мицева.

Мисирлиески, пак, нагласува дека „немаат слободни денови, немаат слободни викенди и празници. Поради тоа се` помалку има интерес да се работи како новинар. Кај нас во Битола најмладиот новинар има околу 40 години, а најмладиот дописник има 45 години и сметам дека тоа е погубно за професијата“.

Димовски вели дека голем дел од дописниците не биле осигурани, па често имаат авторски хонорари, кои на некој начин дописнците ги ставаат во неизвесност.

„Дали наредниот месец ќе продолжам во медиум или нема да продолжам“., вели тој.

Како проблем, со кој се соочуваат во секојдневното работење, тие ја посочуваат и недоволната транспарентност на некои институции на локално ниво, кои се` уште немаат одделенија за односи со јавност.

XS
SM
MD
LG