Линкови за пристапност

ЕУ вели дека има напредок во разговорите со Иран за нуклеарните преговори


ГЕРМАНИЈА - Шефот за надворешна политика на ЕУ во петокот рече дека верува оти има доволно напредок за време на консултациите меѓу неговиот пратеник и иранските власти во Техеран оваа недела за повторно започнување на нуклеарните преговори по два месеци ќор-сокак.

Разговорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015-та година со светските сили се прекинати од март, главно поради инсистирањето на Техеран, Вашингтон да го отстрани Корпусот на Исламската револуционерна гарда од американската листа на означени терористички организации.

Говорејќи додека координаторот на разговорите Енрике Мора пристигна назад во Европа, Хосеп Борел рече дека одговорот на Иран бил „доволно позитивен“ откако Мора испорача порака дека работите не можат да продолжат како што беа.

„Овие работи не можат да се решат преку ноќ“, изјави Борел за новинарите на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во северна Германија. „Да речеме дека преговорите беа блокирани и тие се деблокирани“, со перспектива „да се постигне конечен договор“.

Широкиот преглед на договорот кој има за цел да го оживее договорот кој ја ограничува иранската нуклеарна програма во замена за ослободување од економските санкции беше суштински договорен во март.

Француски дипломатски извор во четвртокот рече дека гледа мали шанси САД да се согласат да ги отстранат елитните безбедносни сили на Иран од листата на странски терористички организации во скоро време.

Енрике Мора беше во Техеран оваа недела во, како што беше опишано, последна шанса да се спаси договорот од 2015-та година, од кој тогаш американскиот претседател Доналд Трамп се повлече во 2018-та година. Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија се исто така страни во договорот.

Во бизарен инцидент, Мора и неговиот тим беа задржани на аеродромот во Франкфурт неколку часа при враќањето од иранската престолнина во петокот.

Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи рече дека германската полиција ќе даде изјава за инцидентот, велејќи им на новинарите: „Може да има многу причини кои се поврзани со летот, рутата на патување, а не нужно со личноста“.

Иранската официјална новинска агенција ИРНА, без докази, тврди дека Израел стои зад инцидентот.

XS
SM
MD
LG