Со десантот на стотици падобранци почна денешниот импровизиран напад кај воениот полигон Криволак што беше дел од најмасовната вежба на НАТО на македонска територија, „Брз одговор 22“.
После падобранците, следеа координирани прелети и дејствувања на хеликоптерите „Chinook“, „Black hawk“, „Apache“, како и авионите „A-10 Thunderbolt II“ познати како анти-пешадиски воздухоплови. Завршните активности ги имаше пешадијата која го освои замислениот непријателски терен.
Денешната акција беше мал сегмент од масовната вежба „Брз одговор 22“ на која учествуваат повеќе од 4.500 припадници на армиите на САД, Велика Британија, Франција, Италија, Црна Гора, Грција, Албанија, како и од македонската армија.
„Тоа што го видовте денеска не беше пркос на моќ и демонстрација на воена сила, туку демонстрација на нашето единство и нашето сојузништво. Војниците (од осумте армии) покажаа што значи колективна подготвеност и совршена интероперабилност“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Министерката истакна дека членството во НАТО, значи дека нашата земја не е сама. Таа укажа дека со вежбата се покажува подготвеноста и на македонската армија.
„Во НАТО нема мали и големи, нема прв и последен, нема натпревар за елиминација, туку, подадена рака и сојузничка поддршка“, рече министерката и додаде дека таа ќе се залага за понатамошен забрзан развој на тренинг-центарот Криволак.
Ник Коули, Командантот на борбениот тим на 16. Воздухопловна бригада на Обединетото Кралство истакна дека полигонот Криволак им дал одлична можност за разновидни вежбовни активности.
„За мене е важно што оваа вежба вклучи осум нации коишто тренираа заедно. Покажавме дека заедно, како НАТО, можеме брзо да одговориме. Северна Македонија ни обезбеди одличен простор за вежбање, кој ни овозможи да изведеме различни форми на тренинг, со кој ја покажуваме нашата подготвеност за операции што би биле побарани од нас“, рече Коули и додаде дека нивните војници имале можност да се запознаат и со македонскиот начин на живеење.
Генерал-мајорот Петер Ендрусјак, кој е заменик командант на копнените сили на САД за Европа и Африка, истакна дека вежбата ја покажува операбилноста на НАТО да делува брзо од север до југ.
„Оваа вежба не е организирана поради актуелните случувања во Украина. Оваа вежба се планира подолго време, но сепак, истовремено е демонстрирање на способноста на тоа што НАТО може да го направи“, рече генерал-мајорот Едрусјак.
Во рамките на показната вежба беа изложени и дел од пешадиските борбени возила и оружја што се користат во рамките на „Брз одговор 22“.
Вежбата „Брз одговор“ симултано се изведува во повеќе делови од Европа. Вклучени се вкупно 19 нации со повеќе од 10.000 војници.
Во продолжение, галерија од десантот кај Криволак.