Вака реагираа владејачките социјалдемократи на вториот ден од „активната блокада“ на опозицијата – објавија слика од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со лидерот Мицкоски, наредени како на табло за матурска, нарекувајќи ги „класниот и неработниците“. Блокадата на собраниската работа, според пресметките на СДСМ, граѓаните ги чинат 55 000 евра месечно.
Само за основни плати пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните ја плаќаат 40.000 евра месечно.Кузеска, СДСМ
„Само за основни плати пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните ја плаќаат 40.000 евра месечно. Дополнителни 15.000 евра добиваат за патни трошоци. Исто така врз грбот на граѓаните. Тоа се над 55.000 евра месечно народни пари кои ги добиваат пратениците на ВМРО-ДМНЕ од граѓаните. Наместо да ги заработат тие блокираат и прават штета на оние што ги плаќаат, на граѓаните.“, изјави Богданка Кузеска, СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ не отстапува – од партијата најавуваат дека блокадата на сите, како што ги нарекуваат штетни закони, ќе продолжи.
Јас навистина мислев дека кога СДСМ велеше дека ја сфатиле пораката од граѓаните дека конечно ќе бидат поинакви, не се поинакви.Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ
„Ние прво што направивме е понудивме рака, понудивме рака да седнеме да помогнеме иако оваа власт не кон национална катастрофа, ние размислуваме со понуда да помогнеме. Јас навистина мислев дека кога СДСМ велеше дека ја сфатиле пораката од граѓаните дека конечно ќе бидат поинакви, не се поинакви. Со доаѓањето на Ковачевски како премиер мислев дека повеќе рациото ќе преовладува и дека треба да седнат со опозицијата да разговараат за суштествени теми, за најважните теми, како што се овие економски кризи и енергетски кризи, да не зборувам за оние работи што се од стратешки интерес, како што е договорот со Бугарија што го тераат под маса, затскриено и никој од јавноста не може да го види. И сега наеднаш се нервираат и се многу нервозни зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се активни, вели Владо Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од албанската опозиција има разбирање за ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ.
„Легитимни се сите начини на дејствување кои се демократски и политички. Почитуваме автономни дејствувања на секој политички субјект и истото го очекуваме од другите.“, истакна Зијадин Села, Алијанса на Албанците.
ВМРО-ДПМНЕ од вчера го почна својот бојкот на Собранието – потег на кој партијата се реши откако премиерот Ковачевски не го прифати барањето на претседателот Мицкоски за лидерска средба на која ќе се разговара за предвремени парламентарни избори. До кога ќе трае ваквата ситуација? – Се додека владата не се вразуми и не организираме избори, велат од опозицијата.